Под слоганот „Подај рака“, денеска на летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи 8. хуманитарен настан за поддршка на лицата заболени од ретката болест Вилсон.
Предвидено е во рамки на настанот да се одржат традиционалната штафетна хуманитарна трка, посебна детска трка, а втора година по ред и трката за домашни миленици. И годинава, настанот ќе биде збогатен и со настап на домашни изведувачи.
Како што информираат од здружението на граѓани за поддршка на лица со ретка болест „Вилсон Македонија“, целта на настанот да се подигне јавната свест за ретките болести и поддршка за заболените, но и за нивните семејства во справувањето со предизвиците со кои се соочуваат.
Организаторите осум години по ред на овој начин се трудат да едуцираат и информираат дека кога станува збор за оваа ретка болест, клучни се навременото откривање и редовната терапија.
Како што се појаснува во соопштението, болеста предизвикува нарушување во метаболизмот што доведува до таложење на бакар во црниот дроб, мозокот и очите, процес кој се одвива постепено, со години, пред појавата на првите симптоми. Натрупувањето на бакар во централниот нервен систем, може да доведе до проблеми со говорот и голтањето, потешкотии во координацијата, тремор, неконтролирани движења, мускулна вкочанетост, промени во однесувањето.
Сепак, Вилсоновата болест може успешно да се лекува. При навремено откривање и редовна – доживотна терапија, пациентите со Вилсонова болест можат да имаат нормален живот, со минимални диететски рестрикции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.