Екипите на здравствен дом Куманово денеска на градскиот плоштад во Куманово делеа промотивен материјал за Европската недела на имунизација. Родителите на мали деца имаа можност да се информираат за вакцините против различни болести, како заштитуваат и колку помагаат да се зачува колективното здравје.
– Целта на денешната кампања која се спроведува под мотото „Заштитуваме генерации“ е да се подигне јавната свест кај населението за почитување на редовниот календар за имунизација. Не попусто е одреден периодот на вакцинирање. Многу е важно да се почитува за да не ни се враќаат искоренетите болести како што беше случајот со пертусис, изјави д-р Хајра Цаноска Рамадани од Здравствен дом Куманово.
Кампањата има за цел да ја подигне свеста за важноста на имунизацијата, како значаен сегмент за градење колективен имунитет, спречување епидемии и обезбедување здрави поколенија.
Доктор Ана Арсовска од Здравствен дом Куманово, информираше дека изминатиов период посетиле повеќе рурални места и ги вакциннирале децата.
-Вратите беа широко отворени за вакцинација. Овие родителите не секогаш се во можност да ги донесат децата во Куманово на вакцинација и одлична беше кампањата. Проблем останува во урбаната средина и преку оваа кампања се надеваме дека ќе ја подигнеме свеста за имунизација, кажа д-р Арсовска.
Двете докторки велат дека вакцините се причина за искоренување на болести кои во минатото биле фатални. Тие апелираат родителите да се информираат од стручни лица.
-Има граѓани кои читаат и се едуцираат од непроверени извори на информации, антиваксерската кампања ги вратија заборавените болести. Секој кој има какви било прашања може да се обрати кај нас, повикаа докторките.
Куманово е еден од градовите со низок опфат на вакцинација и беше еден од градовите каде се врати болеста „голема кашлица“.
Кампањата ја организираат Министерството за здравство, заедно со Институт за јавно здравје, Светска здравствена организација и Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), поддржани од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) и Европската унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.