Леонидос Кострикис, медицински експерт од Кипар, тврди дека пронашол нова варијанта на коронавирусот што ги комбинира карактеристиките на „делта“ и „омикрон“ – делтакрон. Сепак, малкумина се оние кои се согласуваат со неговото тврдење.
Кострикис и неговиот тим тврдат дека откриле нов вид на коронавирус кој ги комбинира карактеристиките на „делта“ и „омикрон“ варијантата. Тие, наводно, идентификувале дури 25 такви случаи.
Ова значи дека овој вид комбинира „омикрон“, многу заразна и доминантна варијанта во многу земји, вклучително и Обединетото Кралство и САД, со „делта“, која беше доминантна варијанта ширум светот во текот на летото.
Затоа, заразените пациенти се изложени на значително поголем ризик од хоспитализација од оние со „алфа“ варијанта на вирусот. „Делтакрон“, според Кострикис, има генетски потписи слични на „омикрон“ во „делта“ геномот, пишува „ДВ“.
Оваа варијанта може да се рашири брзо како „омикрон“ или да доведе до потешки случаи. Предизвика голема загриженост кај експертите кога првпат беше спомната.
Сепак, многумина сега се сомневаат во вистинитоста на наодите на Кострикис.
„Секвенците на кипарскиот „делтакрон“, објавени од неколку големи медиуми, изгледаат сосема јасно како контаминација“, напиша на Твитер во саботата Томас Пикок, научен соработник во лабораторијата Баркли на Империјал колеџот во Лондон, која се фокусира на истражување на коронавирусот.
Во друг твит, тој додаде дека „ова навистина не е поврзано со „квалитетот на лабораторијата“ или нешто слично и дека тоа се случува во секоја лабораторија за секвенционирање од време на време.
Откако беше оспорен од експерти, Кострикис ги бранеше своите наоди за американската финансиска телевизија „Bloomberg News“.
Идентификуваните случаи укажуваат на еволутивен притисок врз сојот, што ме наведе да заклучам дека има комбинација од „делта“ и „омикрон“, рече тој, додавајќи дека комбинацијата не е резултат на еден настан – како што е лабораториска контаминација на примероци.
Кострикис рече дека примероците што ги анализирал биле обработени во повеќе процедури за генетско секвенционирање во неколку земји.
Од друга страна, експертите посочуваат дека мутациите слични на „омикрон“ во „делта“ геномот лежат во еден дел од генетската низа – дел за кој се знае дека е погоден од тешкотии во одредени процедури за секвенционирање.
Џефри Барет, директор на Иницијативата за геномика на коронавирус во Институтот „Велком Сејнџер“ со седиште во Велика Британија, укажува на истражувањето спроведено од неговиот институт на оваа тема, што го наведува да верува дека наводната варијанта на „делтакрон“ „секако не е биолошка рекомбинант на лозата „делта“ и „омикрон“.
Па, дали можеме едноставно да ги игнорираме кипарските откритија, да здивнеме и да продолжиме? Рано е за тоа, вели Тимо Волф, доктор и раководител на одделот за високопатогени болести во Универзитетската болница во Франкфурт.
Тој додаде дека, во секој случај, податоците што ги користи Кострикис треба да бидат темелно разгледани.
За да бидеме целосно сигурни, ќе мора да почекаме уште неколку недели, заклучи Волф.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.