Целосно вакцинирано дете согласно возраста е дете кое ги има примено сите вакцини според календарот за имунизација во Македонија. Во поглед на пертусис (голема кашлица), тоа подразбира детето да има примено три дози на вакцини на два, четири и шест месеци и во текот на втората година треба да ја прими првата ревакцина. Ова е за дете во предшколска возраст. Секое отпастување од календарот е нередовно вакцинирано дете. Во ред е родителите да ја заборават ревакцината на 18 месеци. Но, ние сега доаѓаме во ситуација да видиме дека има деца кои не се имунизирани со една или две дози од првите три дози коишто треба да ги примат во првите шест месеци, кажа вечерва во „Топ тема“ проф. д-р Катерина Ставриќ од Клиниката за детски болести.
Од 11 март градинките не ги примаат децата кои не се вакцинирани или не се целосно вакцинирани против голема кашлица, односно ја немаат вакцината ДиТеПер. Во град Скопје е прогласена епидемиија на голема кашлица, а од Државниот санитарен и здравствен инскепкторат соопштија дека скоро 50 отсто од децата во скопските градинки не се вакциниррани против голема кашлица.
Во јавноста настана забуна и различното толкување на „целосно неимунизирани“, родители реагираат не е јасно дали се работи за вакцина, која се прима во три дози – на двомесечна, тримесечна и на шестмесечна возраст, или ја опфаќа и ревакцината, која според календарот за имунизација треба да се прими на 18-месечна возраст односно една година по последната од трите дози на вакцината.
Д-р Ставриќ кажа дека пандемијата со ковид-19 заврши пред една година, и родителите имаа доволно време да ги надоместат пропуштените дози на вакцини, а не како сега, приоритет е градинката и сите брзаат да ги вакцинираат децата.
Според проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Националниот комитет за имунизација, ако дете на две и пол години кое досега не било редовно вакцинирано, вчера ја примило третата доза на ДиТеПер вакцината, најрано што може да ја прими ревакцината е за шест месеци и тогаш да појде во градинка.
Докторите на вакциналните пунктови не смеат да боцнат дете ако возраста или периодот помеѓу дозите не е во согласност со Календарот за имунизација. Матичниот педијатар треба да го води родителот низ Календарот, но и градинките требало да реагираат ако дете на 3 години нема примено ниту една доза вакцина, кажа д-р Грозданова.
Комисијата за заразни болести утре има состанок.
Денеска министерот за здравство Илир Демири кажа дека по утрешниот состанокот на Комисијата треба да биде појасно за родителите и за вработените во градинките во Скопје дали забраната за прием на невакцинирани деца со ДиТеПер важи за тие што не се вакцинирани или и за тие што не ја примиле ревакцината.
Заклучно со 7 март во Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица, најмногу од Скопје – 151.
Заболените лица се на возраст 1 месец до 70 години. Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години, односно 27 случаи (15,6%) припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 22 (12,7%) се деца на возраст од 1 до 4 години, а во возрасната група 10-14 години се пријавени 43 случаи (24,9%).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.