Во доматите и краставиците нема тешки метали штетни за здравјето на граѓаните, потврди уште еднаш денеска на прес-конференција директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски. Според него, резултатите од испитувањата кои ги објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ се негативни и, како што рече, не му е јасно со која цел намерно се шири паника во јавноста.

Ширењето лажна паника и тревога е кривично дело, додаде Бабовски, а дали АХВ ќе поднесе пријава за тоа, ќе се знае наредните денови.

„Негативни се сите резултати за наводни резидуи од метали или присуство на тешки метали во овошјето и зеленчукот. Не знам која беше целта да се шири паника меѓу граѓаните. Изгледа при брифирањето некој некого излажал. Ако ги погледнете резултатите, некој помешал микро и милиграми. Сите се во рамки на дозволените количини. За жал, некој се декларира како демохристијан, а за време на верски празник излегува со неточни податоци – за мене е тоа нон-сенс. Ќе мора да преземеме некои активности за да се заштитат граѓаните. Нам не ни значи нечие извинување“, рече Бабовски одговарајќи на новинарски прашања.

Тој објасни дека при увоз, кога се прават контроли, ако се најдат пратки кои не се сомнителни, се ставаат под надзор.

„Право на увозникот и економскиот оператор е да побара второ мислење или супермислење. Неодамна, на пример, имавме пратка со портокали од Египет. Резултатите покажаа присуство на пестициди над дозволеното. Таа пратка е ставена под надзор“, додаде Бабовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.