Маскирани, пеејќи ја песната „Вијур, вијур Гајдано“,  најмладите стружани, на единствен карактеристичен начин во цела држава денеска го прославуваат празникот Цветници, посетувајќи ги домовите на православните христијани со благослов за добро здравје и благодет во семејствата.

Покрај во Струга, во духот на традицијата лазарувањето се одржува на Цветници, додека во етничките предели струшки и дебарски Дримкол тоа се прави ден претходно, односно на Лазарова сабота. Во некои предели во различни денови лазаруваат момчињата и девојчињата, додека во други тоа го прават само женските деца.

Младите Лазарчиња, како што локално ги нарекуваат, празнувањето го почнуваат со песни и посета на домовите уште во петокот, ден пред христијанскиот празник Лазарова сабота. Во струшки Димкол, карактеристичен е обредот наречен „Мошка Лазара“, кој го изведуваат машки деца под маски пеејќи наменски песни за сите членови на семејството, по што се дарувани до јајца и пари.

Припремата за одбележување на големите православни празници Лазарова сабота и Цветници, според Љупчо Милошески, истражувач и познавач на традиционалната култура, студент на етнокороеологија, почнува 10-тина дена претходно, кога девојчињата се собираат во црквите ги учат песните и ората, што се изведуваат при обредот, ги чистат храмовите и нивните дворови. Неколку дена пред празникот, пак, собираат цвеќиња, од кои прават венци и ги украсуваат црквите и престолните икони.

– На празникот Цветници, во моето село Драслајца, рано наутро, девојките облечени во свечена, традиционална носија одат на литургија во црква, а по завршувањето почнуваат да Лазаруваат. Одат од куќа во куќа, пеејќи наменски песни за секој член од семејството, со цел заштита и благосостојба на луѓето и природата. По завршувањето на обредот, домаќините ги даруваат со јајца и пари, раскажува Милошески.

Во етничкиот предел Дебарски Дримкол, појасни Милошески, интересно е што Лазарките плетат венец од бршлен и го ставаат на глава на најмалото девојче од групата.

– Пред олтарот во соборната селска црква, „челниците“ (највозрсните) од групата, ги ставаат рацете врз главата на девојчето го занишуваат правејќи го крсниот знак и пеејќи наменски песни. Во струшко Ложани, кое е дел од етничкиот предел Струшко поле, карактеристичен е обредот „На конак“, каде Лазарките, ноќта пред празникот преспиваат во ново изградена куќа во селото и доколку некоја од помалите заспие „челниците“ дел од облеката на девојчето ја пришиваат за постелата, додава Милошески.

На Лазарова сабота, посочува, сите лазарки стојат на влезот од селата и ги чекаат пазарџиите (сабота е пазарен ден во Струга), им пеат наменски песни и се дарувани со пари и други подароци.

Чествување во духот на традицијата

Лазарските обичаии во Струга и селата каде што живее православно население се уште се негуваат според традицијата, онака како што правеле и нивните предци.

Во Враништа, како што раскажува отец Ристе Наумоски, Лазарските обреди се извршуваат во петок и сабота. За разлика од другите села во регионот каде се слави машка Лазара во петок, а женска во сабота, нема таква поделба.

– Во петок наутро децата со кошнички одат по куќите, каде им даваат јајца и пари. Сите девојчиња од селото од 19 години па нагоре се собираат во една група наречени „казаеки”, но во последниве години поради зголемување на селото поделени се во две групи и секоја има еден дел за поминување. Како предводници на групите, или „челници” се поголемите девојки, раскажува отец Наумоски.

Лазарките, додава, се облечени во селска народна носија, во минатото во петок наутро тргнувале низ селото, а денес, во сабота, каде пред секоја куќа во дворот пеат лазарски песни. Домаќините ги даруваат со пари, брашно, масло, сол и грав.

– Парите ќе ги поделат меѓу себе, а гравот го варат за вечера. Порано додека не била изградена црковната трпезарија, лазарките барале „конак”, низ селото. Обично вечерата се подгтвувала во нова куќа, за среќа на станарите. Последните години вечерите ги организираме во црковната трпезарија, додава Наумоски.

Со посебна почит кон празникот се одбележува и во крајезерското село Радожда. Младите девојки облечени во празнична народна носија одат во куќите и пееат песни со благослови за семејството, од каде се дарувани.

Во минатото, ден пред празникот пак, младите девојки оделе во планина по цвеќе од кое плетеле големо венче и го ставале на вратата во црквата. Вечерта преспивале во една куќа, а следното утро облечени во носија оделе в црква од каде го земале венецот и поделени во две групи оделе во секоја куќа од селото. На Цветници пак кинеле врбови гранки и ги носеле во црквата, од каде верниците си земале за дома и ги ставале под перница за спиење. И во ова село Лазарките стоеле на влезот и ги чекале пазарџиите да им поделат благослови и да добијат дарови.

Велигден го навестија и вевчанските лазарки

Вековната традиција за одбележуавње на Лазарова сабота, која во Вевчани згаснала во 50-тите години од минатиот век, возобновена е во 2016 година од културно уметничкот друштво „Дримкол“.

Вевчанските девојчиња, како што раскажаа во КУД „Дримкол“ облечени во традиционална носија, утрото на Лазарова сабота се собираат во црквата „Свети Никола“, каде го пеат тропарот посветен на Свети Лазар. Потоа во дворот од црквата ги китат кошниците и тргнуваат кон центарот на Вевчани каде го играат Лазарското оро.

– Од центарот на Вевчани се делат во четири групи, одат по две во Горна и во Долна маала. Ја посетуваат секоја куќа каде пеат молитвени песни наменски за секој член од семејството, за свадби, за бериќет, дечиња и слично. Таму се дарувани со јајца, пари и други дарови, појаснија од КУД „Дримкол“.

Вевчани е единственото населено место каде се слави машка лазара или кај вевчанци викана „Мошка Лазара“. Ден пред Лазарица, во петокот машките дечиња облечени во празнична облека одат од куќа во куќа и се дарувани од домаќините

фото:МИА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.