ЈП „Чистота и зеленило“ и Општина Куманово во соработка со Мен енд Маунтен и со поддршка на невладината организација „СОН“ од Гент, Белгија, во текот на вчерашниот ден ги исчистија речните корита во центарот на Куманово.
Во овој дел од реката, се наоѓа и парк за рекреација, кој постојано е посетуван од граѓаните и загадуван со отпад.
Општина Куманово, со поддршка од провинцијата Источна Фландрија во Белгија и невладината организација „СОН“ токму во овој дел од градот поставија 16 нови GENERALKA корпи за отпад.
Во акцијата и чистењето на речното корито земаа учество вработените од ЈКП „Чистота и Зеленило“ и волонтери од здружението Кумановски Акцијаши со голема поддршка од администрацијата на Општина Куманово и градоначалникот Максим Димитриевски.
На секоја од корпите за отпад напишани се уникатни пораки на македонски и албански јазик: „Создавај и не уништувај“, „Фрлете го тука вашето ѓубре – не вашата иднина“, „Твојот град – твој дом“, „Биди решение, а не загадување“, „Користете ме, но не ме злоупотребувајте“, „Загадувањето значи твое труење“, „Престани да зборуваш – почни да делуваш“…..
Идејата е да се покрене свеста на граѓаните и овие пораки да натераат секој што ќе помине оттаму и ќе ги прочита да размисли за неговата одговорност кон околината и заедницата.
„Иако симболичен, ова е многу значаен проект за нас. ЈП “Чистота и зеленило” и Општина Куманово, со поддршка од провинцијата Источна Фландрија од Белгија и во соработка со невладината организација “СОН” од Гент, Белгија, во текот на вчерашниот ден го исчисти речното корито на градскиот кеј и поставија 16 нови GENERALKA корпи за отпадоци. На секоја корпа за отпад испишани се наменски и специфични пораки до граѓаните за тоа како треба да се однесуваат за да ја заштитат животната средина и да го чуваат нивниот град чист. Ова е мотивирачки пример како да ги означиме и другите места во градот со вакви специфични пораки до сите граѓани. Градот Куманово е благодарен“, вели Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.
Директорот на Јавното комунално претпријатие „Чистота и зеленило“, Ненад Стојановски, во придружба на заменик директорката на претпријатието, Цветанка Ивановска, апелира до граѓаните да се придржуваат до хигиената и ги повика другите организации што почесто да иницираат вакви еколошки акции:
„Пораките на корпите имаат намера да им укажат на граѓаните да одложуваат отпад на соодветно место. ЈП Чистота и зеленило ги поддржува сите вакви акции и ги
охрабрува и другите организации да иницираат и организираат еколошки акции, а ние со нашиот потенцијал и механизација секогаш сме им на располагање. Апелираме до граѓаните да се придржуваат до хигиената“.
СОН е нова белгиска невладина организација со фокус на културата и општеството.
„Со поддршка од провинцијата Источна Фландрија (Белгија) и во соработка со Мен енд Маунтен / GENERALKA среќни сме што можеме да го поддржиме градот Куманово за да создаде поеколошка средина за целото општество “, велат Јан Хозе, претседател на СОН и Катинка Димкароска, член на управниот одбор на СОН.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.