Во конкуренција на 1450 тимови, од 36 земји, тимовите на СТЕМ Академија, Скопје Space Walkers и Space Walkers Jr. се апсолутни победници, освојувајќи ги прво и второ место во престижната категорија „Пентатлон арена“.

СТЕМ Академија учествуваше на Глобална спортска роботска олимпијада (ROBOTSPORTS COMPETITION GLOBAL OLYMPIAD) што се одржа на Крит, Грција, во периодот од 26 до 29 април. Двата тима кои учествуваа на ова глобално натпреварување се апсолутни победници во категорија „Пентатлон арена“. Оваа категорија е позната по своите предизвици и бараше од тимовите да дизајнираат и програмираат самонаведувачки роботи. Роботите треба да завршат најмалку пет сложени мисии на специјализирано роботско поле. Тимот Space Walkers се истакна со освојување на најголемиот број на поени меѓу сите тимови учесници, покажувајќи квалитет во тимската работа, кои создадоа робот со исклучителни можности и одличен дизајн.

Тимот на Space Walkers Jr освои второ место во истата категорија, но доби и награда за Иновативен проект. Нивната презентација е препознаена како најдобра, со што се издвои врeедоста на СТЕМ Академија, Скопје во поттикнување на креативноста и развој на комуникациските вештини кај своите студенти.

Перформансите на тимовите на СТЕМ Академија се гордост не само за нас, туку нивниот успех ги истакнува талентот и потенцијалот на македонската младина. Воедно ја покажува и апсолутната посветеност на академијата, во поттикнување на критичко размислување, решавање проблеми, иновациите и зголемување на нашата видливост на глобалната сцена, со човечките потенцијали кои ги имаме“ – вели Жарко Поп-Илиев, извршен директор на СТЕМ Академија, Скопје.

Успехот од Глобалната спортска роботска олимпијада, е најголем досегашен успех на СТЕМ Академија, на кој му претходеа второто место на FIRST Lego League Open, Либан 2019 година, најдобар тим на First Lego Adria League во Целје, 2019, најдобро инженерско решение и најдобро иновативно решение на медитерански СТЕМ натпревар во Атина 2024 година, одржан на 29 и 30 март. На локална сцена тимовите победија во категоријата Роботска Игра и најдобар дизајн на робот во националното првенство на FIRST LEGO LEAGUE 2022 и 2023 година.

СТЕМ Академија е водечка образовна организација посветена на обезбедување иновативни програми СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика) за ученици на возраст од 5-16 години. Со фокус на практичното учење, апликациите од реалниот свет и меѓународната соработка, СТЕМ Академија ги поттикнува студентите да напредуваат во областите на науката и технологијата кои брзо се развиваат. СТЕМ Академија е единствена организација од Македонија која е глобално акредитирана за СТЕМ образование.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.