Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку, оствари средба со Кити ван дер Хејден, заменик извршна директорка на УНИЦЕФ.

На средбата беше изразено задоволство од континуираната плодна соработка во повеќе клучни области коишто се однесуваат на благосостојбата на децата и младите во македонското општество, со посебен фокус на рамноправноста, инклузивноста, унапредувањето и заштитата на нивните права.

 

Во контекст на климатските промени и нивниот ефект врз животот на децата, претседателката Сиљановска Давкова и заменик извршната директорка на УНИЦЕФ, ван дер Хејден, ја потенцираа важноста на политиките насочени кон промоција на одржлив развој и зелени иницијативи за заштита на животната средина. Во таа насока беше нагласена потребата нашата држава да го вклучи прашањето на децата во својот трет Национален поднесок за климатска акција, со цел создавање системски механизми за нивната заштита од климатски промени.

 

Претседателката Сиљановска Давкова ја реафирмираше подготвеноста на македонските институции за натамошна соработка со УНИЦЕФ, во насока на создавање услови секое дете да има еднакви шанси и можности за искористување на својот потенцијал, пристап до квалитетно образование, здравствена грижа и заштита.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.