Скопското астрономско друштво денеска приредува интересен настан, а поканети се сите кои се љубопитни да искусат еден редок небесен феномен, комета која се појавува еднаш на 80.000 години.
Скопското астрономско друштво ве поканува да дојдете на паркингот пред Кале во вторник, 22.10.2024 година, на јавно набљудување на кометата C/2023 A3 Tsuchinshan-ATLAS. Набљудувањето на кометата ќе започне во 18:30 часот и ќе заврши околу 20:30 часот“, објави друштвото на својот профил на Фејсбук.
Друштвото ги советува посетителите да си понесат двоглед за да ја погледнат кометата подобро, а доколку сакаат да фотографираат, да си понесат и камера. Секако, посетителите треба да се облечат добро бидејќи ноќите стануваат постудени.
Кометата, наречена Цучиншан-Атлас или „Ц/2023 А-3“, минува низ внатрешниот дел на Сончевиот Систем и ова е едно од најблиските и најсветлите појавувања на комети последниве години. Овој настан нема да се повтори следните 80.000 години.
Астрономите ја открија кометата во 2023 година, преку две независни набљудувања – во Кина (во Опсерваторијата „Цучиншан“) и во рамките на американскиот проект „АТЛАС“ (Систем за последен аларм со копнено влијание на астероиди). Нејзината орбита е рангирана меѓу кометите со долг период на револуција, што значи дека се потребни илјадници години за да направи еден круг околу Сонцето.
Тие ја нарекуваат најспектакуларната комета на десетлетието. Според сегашните проценки на астрономите, револуцијата на кометата Цучиншан-Атлас е околу 80.000 години. Тоа значи дека откако ќе мине низ внатрешноста на Сончевиот Систем оваа 2024 година, луѓето на Земјата ќе можат повторно да ја видат по 80 илјадалетија.
Тоа укажува и на ретка прилика и можност и за научно истражување и набљудување.
Кометата би можела да придонесе за добивање и нови сознанија за Кајперовиот Појас и Ортовиот Облак коишто се наоѓаат на периферијата на Сончевиот Систем. Проучувањето на комети со толку долги орбитални периоди е од клучно значење за разбирање на најдалечните делови од нашиот планетарен систем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.