Американските научници потврдија дека временскиот феномен, познат како Ел Нињо, веќе започнал во Тихиот Океан и веројатно ќе придонесе за дополнително затоплување на целата планета, која веќе се загрева поради климатските промени. Научниците предупредија дека 2024 година веројатно ќе биде најтоплата година досега.
Би-Би-Си пренесува дека тие стравуваат оти ова може да доведе до надминување на клучната точка на глобалното затоплување од 1,5 степени Целзиусови, што потенцијално ќе влијае на времето ширум светот. Ова значи дека може да има суши во Австралија, повеќе дождливо време во јужниот дел на САД или слабеење на индиските монсуни.
„Ел Нињо сега се интензивира и се очекува да го достигне својот врв на крајот на оваа година во однос на интензитетот“, вели Адам Скајф, шеф на долгорочното прогнозирање во Метеоролошката канцеларија на Обединетото Кралство.
Според Би-Би-Си, јужната осцилација Ел Нињо или ЕНСО, како што официјално се нарекува, има три различни фази: топла, студена и неутрална.
Топлата фаза или Ел Нињо се случува на секои две до седум години и е феномен кога топлите води остануваат на површината во близина на бреговите на Јужна Америка и се шират низ океанот, ослободувајќи значителни количини топлина во атмосферата.
Рекордно топли години, како 2016 година, најтоплите во светот, обично доаѓаат една година по силниот Ел Нињо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.