Обилните врнежи од дожд и ветерот, кои го зафатија поширокиот дебарски регион, на патните правци предизвикаа помали, но чести одрони. Сообраќајот се одвива непречено, се препорачува внимателно возење.

– На патните правци под наша надлежност има помали, но, чести одрони од камен. Поради тоа, влажните коловози, но и можноста од поголеми одрони, по што е познат нашиот регион, препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација. Наши екипи се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот, рече за МИА, Деар Лиманоски, раководител на дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.

Исто така, тој упати апел да не се манипулира со лажни дојави, како што тоа се случило денеска.

– На броевите 112 и 192 имало дојава од исто лице, дека на делницата Дебар-Жировница, патен правец Дебар-Маврово, кај селото Долно Косоврасти има голем одрон од карпа. Веднаш се мобилизиравме и направивме контрола на целата делница до Жировница, но се утврди дека дојавата е лажна, вели Лиманоски.

Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар-Маврово), Дебар- Глобочица (патен правец Дебар-Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост-Центар Жупа или над 110 километри.

Дожд секако позитивно ќе влијае во зголемувањето на дотеците на реките и потоците во овој регион, што ќе услови зголемен дотек на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро“ на Хидроелектраната „Шпилје“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.