Во светот денеска се одбележува Меѓународниот ден на танцот – 29 Април. Организатори на дигитално одбележување на овој ден се Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА.
Авторка на светската порака по повод Меѓународниот ден на танцот е кинеската танчерка и кореограф Јанг Липинг. Таа нагласува дека животот не престанува, затоа и танцот не престанува.
Танчерите и кореографите треба да ги наслушнат многу внимателно радостите и тагите на светот, користејќи го танцот, за да го заокружат дијалогот со нашата природа, како и животот на природата кој трае подолго од илјадници години. Денес, нема да продолжам да ја споделувам само културата на танцот во светот, туку се надевам дека ќе успеам да ги поканам сите танчери на светот кој го љубат танцот и кои сакаат да ги изразат своите емоции низ танцот; да се вклучат танцувајќи со цел заедно да ги возљубиме и почитуваме небото и земјата. Животот не престанува, затоа и танцот не престанува, порачува Јанг Липинг.
Авторот на домашната порака по повод Меѓународниот ден на танцот е македонскиот танчер, кореограф, перформер кој живее и работи на релација Шведска, Бугарија, Македонија – Александар Георгиев. Тој напоменува дека танцот е тука, и постојано е присутен.
Танцот може да се сподели, но не може да се поседува; танцот може да се активира, но не е статус за парадирање, смета Георгиев.
Оваа порака, како што наведува, би ја дополнил со тоа дека треба да дозволиме танцот да ја добие својата автономија, своето застапување и својата независност, затоа што е тука и му треба континуирана еманципација.
Јас немам никакво право да зборувам во името на танцот, можам само да се залагам и да лобирам за моите перспективи во танцот. Мојата перцепција е дека танцот не треба и не може да се приватизира, бидејќи јас го гледам како индивидуално перципирана и преживеана, колективна практика, потенцира Георгиев.
По повод Меѓународниот ден на танцот денеска во 14 часот во „Ист Гејт Мол“ ќе има танц перформанс од над 1000 танчери од повеќе танц студија од земјава. Со тоа, како што се наведува, ќе се одбележи и поддржи богатата историја и културното значење на танцот како уметничка форма која е дел од човековото изразување илјадници години.
Настанот, како што се наведува, е најава за Европското првенство во хип-хоп и брејкденс што ќе се одржува во СЦ „Борис Трајковски“, како и Интернационалниот танц фестивал DANCE OFF 2023, што ќе се одржи во „Ист Гејт Мол“. И на двата настани, Скопје ќе биде домаќин на танчари од преку 20 земји од Европа.
Покрај танц перформанс, ќе има и диџеј и работилници по танц со повеќе кореографи од земјава.
По повод 29 април – Меѓународен ден на танцот, со почеток во 20 часот, во КСП Јадро ќе се изведе премиерна изведба на делото „Јас сум ти“ на Искра Шукарова и Тереза Лазарев. Претставата ќе се изведе денеска и утре, а број на места е лимитиран, 33 лица по претстава, известуваат од КСП Јадро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.