Есенските култури да се залеваат за да не претрпат штети од ниските зимски температури поради недоволно врнежи, велат агрометеоролозите. Тие препорачуваат и полевање на зеленчуковите насади, бидејќи, како што објаснуваат, може да дојде до засушување во раните етапи од развојот.

Останува препораката да се применуваат правилни агротехнички мерки: наводнување, обезбедување на потребните количества хранливи материи за поголема отпорност кон зимски мразеви, примена на сертифициран семенски материјал со добри квалитетни сортни карактеристики и добра здравствена состојба, употреба на квалитетно ѓубриво.

-Изминатите денови времето беше стабилно и претежно тивко со студени утра. По одделни котлини имаше појава на утринска магла или ниска облачност. Есенската сеидба е веќе почната кај некои култури, а кај некои е веќе при крај. Кај сите култури, па и кај пченицата, првата фаза – никнење, е многу значајна за нормален склоп и почетен развиток. При подолгото отсуство на врнежи, има појава на есенска суша која може да влијае негативно врз сеидбата на есенските култури и нивно поникнување. Во вакви услови, доколку културите поникнат, влегуваат во зимата недоволно потготвени и може да претрпат штети од ниски зимски температури. Затоа е потребно залевање со мала залевна норма веднаш по сеидбата. Оваа залевање ќе овозможи и нормално братење и презимување, нагласуваат агрометеоролозите од УХМР.

Воедно потсетуваат дека според прогнозите, продолжува периодот на стабилно и суво време.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.