За православните верници денеска е тежок празник што се празнува во првата сабота од Велигденскиот пост. Тодорова сабота или Тодорица се смета за празник на приврзаноста кон велигденскиот пост. Именден празнуваат: Тодор, Тодорка, Божидар (доаѓа од Тео-Бог и дар).
Јавувањето на Св. Теодор Тирон и укажувањето на подлите намери на царот Јулијан Отстапник биле повод да се востанови празникот Тодорова Сабота, што се празнува во првата сабота од Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка.
Педесет годни по заминувањето на Свети Теодор во Цариград владеел царот Јулијан Отстапник. Така бил наречен поради тоа што во младоста бил христијанин, а подоцна кога станал цар се откажал од христијанството и со сите средства ги прогонувал христијаните Таа година сакајќи на некој начин да им напакости на христијаните, а знаејќи колку им значи Велигденскиот пост особено првата недела по која некои и се причестуваат, царот наредил сета храна што се продавала по пазарите да се попрска со крв од жртвите принесувани на идолите. Но тогаш на цариградскиот патријарх не во сонот, туку на јаве, му се јавил Свети Теодор Тирон и му рекол да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите зашто таа ќе биде испоганета со крв. Наместо тоа цела недела да јадат пченица со мед. Патријархот така постапил, христијаните цела недела јаделе жито и така останале неиспоганети.
Во спомен на овој настан првата сабота од Велигденските пости е наречена Тодорова сабота, тогаш се оди во Црквата и се носи жито.
Иако Тодорова сабота е црковен празник, а на тоа упатуваат повеќето обичаи што се изведуваат во црквата, сепак, на овој ден се изведуваат и повеќе обичаи кои очигледно водат потекло од многу постари времиња.
На денешен ден треба да се причестат оние кои постеле цела недела.
Светецот е заштитник на стоката, посебно на коњите. На овој ден излегуваат змиите, се спрема жито и колач, а жените не смеат да ја мијат косата или да палат оган.
На овој ден се вари пченица во која се додава малку мед и оние кои постат задолжително јадат од тоа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.