Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски беа присутни на почетокот на денот кај децата кои се дел од градинката „Кочо Рацин“ во Општина Центар каде ги пречека директорката на градинката, Габриела Алабашовска. Министерката и Градоначалникот зедоа активно учество во активностите кои ги зајакнуваат социјалните и емоционалните вештини на децата. Настанот беше организиран во рамките на кампањата „Гласна и храбра“ која ја спроведува Министерството за труд и социјална политика со цел економско зајакнување и ментално зајакнување. Во низата настани кои беа спроведени од страна на министерството беа опфатени различни целни групи : жени со попреченост, жени во униформа, ранливи категории на жени, млади лица како и деца од предучилишното образование и воспитание.
Во градинката програмата за социјално и емоционално учење и активностите ги објасни воспитувачката, Снежана Гуцуљ која е една од 30 воспитувачи од колегијалната поддршка за сите методи и алатки за социо-емоционалниот развој. Воспитувачката објасни дека целта на алатките и методите е да се направи анализа на емоциите и како да одговорат децата на истите. Таа ги објасни вежбите кои ќе бидат изведувани како поздравувањето за добар почетокот на денот, активности за поголем фокус на децата, кругот на довербата и поминување на сензорната патека. Снежана појасни дека децата започнуваат со оваа програма уште од 2 години и дека во градинката се стремат да ги започнуваат активностите уште од јасли.
На крајот од настанот министерката за труд и социјална политика, градоначалникот на Општина Центар и директорката на градинката заедно со децата од градинката го посадија семето од каранфил кое е симбол на кампањата „Гласна и храбра“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.