Иако ја тера 93-та година од животот, баба Трајана многу вешто и без наочари плете волнени чорапи, а ја продолжува и традицијата на производство на домашно сирење. МИА деновиве ја посети во нејзиниот дом преполн со љубов и позитивна енергија.
Фала и на судбината, се уште ми се гледа. Годините се многу. Се туркам, паѓам, станувам и па одам, вели таа, додека насмевката не се тргна од нејзиното лице, за целото време додека разговаравме.
Таа открива дека очила носи само по потреба, ама за плетење не и требаат. И самите можевме да се увериме дека плете квалитетно, не испушта ниту еден котелец.
Потекнува од кавадаречко Страгово, познато сточарско село прочуено по производството на квалитетно сирење. Занаетот за подготовка на сирење со извонреден квалитет, го научила од нејзината мајка. Уште кога била дете. Со години тој занает и тајната за правење на сирење за прсти да излижеш, се пренесуваат, како аманет во семејството. Педесет и трета година, како живеат во Неготино. За неа, велат дека со децении, ги радувала муштериите со млеко и вкусно сирење, вкус што се памети и за кој се прераскажува.
Скромната жена вели дека нејзините родители, браќа и сестри, не биле многу долговечни како неа.
И од тија и од тија сој, по мајка и по татко, само ја су вака со повеќе години, коментира таа.
Самата смета дека долговечноста и се должи на здравата исхрана. Целиот нејзин живот одгледувале најпрвин овци, па крави, сега се уште кози. Домашно месо, млеко. Си правеле јајчаник, зелник, баник, масленица. Или, како што рече таа, ништо купечко, ништо вештачко.
Сега одгледуваат седум кози и единасесетина јариња, колку да ги задоволат потребите на поширокото семејство.
Пијме млеко козјо и децта пијат. Угу иама домашно млеко. Порано, продаваме сирење и на пазарот. Ако ме нема на пазарот, дома идеа по сирење, открива оваа супер бабичка.
Девет години е без сопругот. Ја зема неговата пензија, бидејќи таа целиот живот била домаќинка и сточарка. Има три деца, пет внуци и 10 правнуци. Задоволна е што се уште може да гледа и да слуша, што ја држи умот и помнењето. Витална е, за разлика од многу други на нејзина возраст. Самата се пере, си ја чисти собата. Огнот сама си го „вал“, а го „вале” дури и огнот на помладите во семејството, внуката и внукот со децата. Никогаш не пушела цигари. Не пие ниту ракија, ниту вино, иако живее во најголемиот и најпознат лозаровинарски регион во државата, Тиквешкиот.
Вистинска домашна атмосфера владее во домот на Петрови. Шпоретот на дрва не само што топли, таа топлина дава некоја посебна магија што потсетува на детството. Циглата на плочата од шпоретот што се топли, како да зборува за едно минато време кога постарите ја вжештуваа, за да си ја натоплат половината во студените зимски денови. А тенџерето, тенџерето секогаш мистериозно како да се насмевнува, бидејќи само тоа најдобро знае дека најдобриот зачин во кујната е токму љубовта. Најслатко е јадењето зготвено со многу љубов и посветеност.
Убаво си помуабетивме со една од најстарите неготинки, па и тиквешанки. Ја фотографиравме како плете. Последните волнени чорапи ги сплетила деновиве, за брзо време, да ги топлат нозете на внукот, додека бере дрва во планината. Долго ни раскажуваше за времињата поминати, за сплетените елечиња, џемпери, за миговите кога правела домашен сапун, ткаела на разбој килими, јамболии, кога деновите и поминувале во друштво со кросното, преѓата, вретеното.
Мачно се живееше, синко. Жнеј, копај, врши, се рачно и мачно, евоцира спомени старицата.
Животните предизвици и битки за подобро утре, оставиле бразди на нејзиното лице и раце. Се присети како во нејзино време, најголем дел од девојчињата не ги пуштале да се школуваат после четврто одделение, оти требало да се учи во друго село. Тие морале да работат, за да им помагаат на родителите да го прехранат семејството. Многу пати се случувало женските деца интензивно да работат, додека машките продолжуваат да се школуваат.
Со многу милост во гласот но и гордост, нагласи дека спечалиле многу во животот, но, семејството е нејзиното најголемо богатство.
Посебно се гордее со правнуките коишто се вртат околу неа, ја гледаат како плете, крадат што се вели од мајсторлукот. Марија, Симона, Стојне, Божица. Со радост и нестрпливост ги чекаат нејзините приказни крај шпоретот. Таа раскажува, а звукот од дрвата што горат, како да е некоја пропратна музика на секој нејзин збор.
Како да има некоја посебна поврзаност помеѓу највозрасниот и најмладиот член во семејството. Можеби тајната за тоа лежи во фактот што и бабата и правнуката Марија која догодина ќе биде прваче, се родени тука некаде, во месеците септември и август.
Немам, одговори на прашањето баба Трајана, дали можеби има договор со судбината, колку долго да живее.
Колку е пишано, толку, вели.
И не е важно колку ќе живее. Важно е дека е опкружена со внимание, а таа шири позитивна енергија наоколу. Нејзините наследници, ќе има по што да ја споменуваат и да се сеќаваат на неа. На жената што и во десетата деценија од животот и пркоси на староста. Другарувајќи со иглите и конецот, плете и убави моменти, по кои ќе се сеќаваат на неа. Секој би посакал таква баба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.