Успешно се одржа саемот „Начини до добро ментално здравје“, во организација на Националниот младински совет на Македонија – НМСМ и Министерството за труд и социјална политика, на кој пред младите на интерактивен начин беше претставена Националната стратегија за ментално здравје на млади 2024 – 2026.
Овој документ, подготвен од страна на НМСМ, со поддршка од Британската амбасада и Советот за регионална соработка (RCC), беше усвоен од Владата на РСМ, на предлог од Министерството за труд и социјална политика. Усвојувањето на оваа Стратегија е резултат на соработката помеѓу Владата и НМСМ со цел поддршка на добросостојбата на младите како врвен приоритет на секое општество.
„Статистиките за менталното здравје кај младите се навистина загрижувачки. Затоа креирањето на стратегија која ќе им понуди на младите соодветни услуги, сервиси и програми базирани на нивните потреби, беше една од заложбите на НМСМ. Спојот на иновации, светски трендови и реални потреби на младите во Стратегијата, бараат и проактивност и спремност на институциите да работат во насока на благосостојбата на младите. Сакаме преку доследна имплементација на истата, грижата за менталното здравје да ја направиме достапна за секоја млада личност во нашата држава.“ – истакна Филип Ивковски, претседател на Националниот младински совет на Македонија – НМСМ.
„Оваа Стратегија е сеопфатен документ, кој произлезе од повеќе работилници на кои младите ги искажаа своите потреби и предизвици со кои се соочуваат. Истата нуди конкретни активности во сферите на образованието, здравството, социјалната политика, со кои ќе работиме на подобрување на благостојбата на младите. Нашата цел е отворено да зборуваме за менталното здравје, да ја промениме свеста и да ја надминеме стигмата околу менталното здравје, за младите да добијат поддршка од стручни лица за надминување на сите нивни проблеми и предизвици. Воедно денес ја најавуваме и првата активност во рамки на Стратегијата, а тоа е изградбата на советувалишен центар за деца и млади, кој ќе се фокусира токму на менталното здравје на младите.“ – изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Покрај претставувањето на Стратегијата, саемот „Начини до добро ментално здравје“ вклучуваше и интерактивна работилница за истакнување на потребата од грижата за менталното здравје, позитивниот пристап кон целокупното здравје и важноста на менталната хигиена, како и повеќе катчиња за медитација, врсничка поддршка, водена фантазија, прва психолошка помош, креативна и арт терапија, здрава исхрана и јога, на кои младите имаа можност да вежбаат активности за афирмација на нивното ментално здравје.
Истражувањата покажуваат дека на младите им е потребна поголема поддршка и грижа за нивното ментално здравје. Токму затоа беше организиран и овој настан, со цел да се крене свеста за важноста на менталното здравје, како и да се креира простор на кој младите ќе имаат можност да ги искусат различните услуги за подобрување на менталното здравје кои им се достапни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.