Советот на Општина Битола ја усвои Програмата за развојни планови за периодот 2025-2027 година со 17 гласа „за“, при што беше подобрена со неколку предложени амандмани.
Градоначалникот Тони Коњановски претходно се обрати до советниците, повикувајќи ги на обединување и поддршка на програмата, која тој ја оцени како клучна за идниот развој на Битола.
Според Коњановски, оваа програма ќе овозможи континуирана реализација на постојните инфраструктурни проекти, како и подготовка за нови иницијативи со кои општината ќе аплицира за значителна државна поддршка во наредниот период.
Градоначалникот истакна дека Програмата за развојни планови е суштински дел од предлог-буџетот за 2025 година, кој ќе биде разгледан на почетокот на декември.
Преку усвојувањето на програмата, Битола ќе има можност да обезбеди над 600 милиони денари од државните фондови, дополнително на веќе одобрените 230 милиони денари. Коњановски нагласи дека општината има изготвена обемна проектна документација за водоводни и канализациони системи, патна инфраструктура, паркинг-простори и проекти за развој на руралните области.
„Имаме обврска да ги искористиме сите достапни државни фондови за доброто на граѓаните, а изборната година не смее да стане пречка за овие цели,“ порача Коњановски, истакнувајќи дека иднината на Битола треба да биде заеднички приоритет, без оглед на политичките разлики.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, најпрво се заблагодари за поддршката на измената и дополнувањето на буџетот на одржаната седница на 8 ноември 2024 година. Со оваа измена, како што објасни, се овозможува исплатата на зголемената плата за 5% во образованието, јубилејните награди, регресот за годишен одмор на просветните работници, како и додатоците во плата за пожарникарите и наградите за справување со пожари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.