Работилница и предавање за деца за дизајн на игри и основи на креирање видео игри ќе се одржат утре (13 јуни) со почеток од 16  часот, во просториите на Base 42 во Скопје во рамките на проектот „Видео игротека“. Работилницата и предавањето се наменети за деца од 6 до 14 годишна возраст. Идејата е дa се разбуди детската фантазија за децата да истражуваат и да увидат дека можат да ги развиваат своите идеи во реални проекти.

 

Предавањето и работилницата ќе ги води Дарио Стојанов – ко-основач на Codelii и ко-основач и директор на  Нобел Курсеви Македонија, иновативно училиште за креирање на видеоигри. Дарио од рана возраст има освоено разни награди на национално и меѓународно ниво во сферата на програмирање, роботика и социјални иновации. Еден од проектите кој може да се истакне е “SpeakOut by Andrometa” мобилна апликација за ментално здравје наменета за адолесценти, која освои прво место на глобалниот натпревар поддржан од УНИЦЕФ.

 

Во рамките на проектот „Видео игротека“ ќе се реализира и кинопрограма со проекција на неколку филмови се деца. На 15 јуни во Кинотека на Македонија и киното „Милениум“, ќе се одржи проекција на детскиот германски филм „Младиот Винету и изгубените биволи“ синхронизиран на македонски јазик. Уште една специјална проекција е закажана за 29 јуни на детскиот германски филм – „Луси гангстерката“, синхронизиран на македонски јазик во Кинотека.

 

Проектот „Видео игротека“ е во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје, во соработка со Асоцијацијата на македонската индустрија за видео игри  – МГИ Скопје, а е поддржан од Министерството за култура на Р.С Македонија.

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.