Она што се нарекува „Тажен понеделник“ (Blue Monday) паѓа секоја година во третиот понеделник во јануари. Тоа е, наводно, најдепресивниот ден во годината, кој често се припишува на коктел од лошото време, пост-божиќното затишје, затегнатите финансии и недостижните новогодишни одлуки. Но, дали е всушност најтажниот ден во годината? Краткиот одговор е „не“.
Терминот „Тажен понеделник“ првпат беше измислен во 2004 година од Клиф Арнал, психолог и мотивационен говорник, откако сега веќе непостоечката британска туристичка компанија „Скај Травел“ побара од него да пронајде формула за одредување на најдепресивниот ден во годината. „Синиот“ (од англискиот „blue“= сино, тажно, прев.) односно „тажен“ понеделник последователно стана централен дел на рекламната кампања на Скај Травел, дизајнирана да ги поттикне резервациите за одмор што, предложи компанијата, ќе ја ублажи бедата на Синиот понеделник.
Сепак, пресметката на Арнал беше целосно отфрлена од научната и академската заедница. „Зимскиот блуз е природен одговор на божиќниот распуст и завршувањето на свеченостите, но патологизирањето на таквите нормални чувства во некоја форма на „акутна депресија“ како што е Тажниот Понеделник е погрешно“, рече Крег Џексон, професор по професионално образование и здравствена психологија на Универзитетот Бирмингем Сити во Англија. „Етиката во најдобар случај е сомнителна. Нема веродостојни истражувачки докази кои покажуваат дека Blue Monday е подепресивен од кој било друг ден, па дури и од најдепресивниот ден во годината“, изјави тој за Live Science.
Обележувачите на јавното здравје, како што се смртноста, отсуството од болест, психијатрискиот морбидитет, па дури и проценките за самоубиствени смртни случаи или обиди не покажуваат зголемување на или околу третиот понеделник од јануари секоја година во споредба со другите денови во јануари, рече Џексон.
Единствениот начин на кој овој датум може да се смета за подепресивен од другите е поради тоа што мејнстрим медиумите им кажуваат на луѓето дека е тажен понеделник и затоа може да се појави ефект на самоисполнување на пророштвото. Луѓето треба да знаат дека ова не е научен факт“, рече Џексон. Тажниот понеделник, значи, не треба да се смета за ништо повеќе од трик за односите со јавноста, кој е нечесен, додава тој.
Сепак, Џексон забележува дека зимските месеци може да играат улога во катализирање или подигнување на чувствата на депресија и анксиозност. Сезонското афективно растројство (SAD= Seasonal Depressive Disorder), понекогаш наречено „зимска депресија“, е феномен кој погодува 1% до 10% луѓе, во зависност од истражувањето, според прегледот од 2015 година во списанието The Physician and Sportsmedicine.
Едноставно кажано, SAD е форма на депресија, со симптоми кои се движат од благи до сериозни, кои се јавуваат претежно во текот на зимските месеци, кои можат да бидат предизвикани или влошени од недостаток на природна дневна светлина, како и социјални причини, како што се намалената активност и слободното време поради до пократки и постудени денови“, рече Џексон.
Тој, исто така, посочи дека може да има врска помеѓу нивоата на болеста и намалената активност што може да придонесе за стапката на депресија во текот на зимата. Статија од 2022 година објавена во The Journal of Allergy and Clinical Immunology откри дека студеното време може да го намали имунитетот и да ги направи луѓето поподложни на вируси. „Сепак, нема врска помеѓу заболените од SAD и „Тажниот Понеделник““, рече Џексон.
Критичарите на формулата на Арнал, која ја вклучува Фондацијата за ментално здравје, непрофитна организација во Велика Британија дури отидоа толку далеку што сугерираат дека терминот Тажен Понеделник може да биде потенцијално штетен за благосостојбата на луѓето.
Сигурно е етички сомнително да се користи трик за да се измами населението да верува дека тие се речиси предодредени да се чувствуваат несреќни кога не треба“, рече Џексон. Она што е полошо, сепак, е дека „Поимот за Тажниот Понеделник може да биде погрешен за луѓето кои се борат со проблеми со менталното здравје и самоубиствени мисли“, кои можеби погрешно мислат дека се предодредени да се чувствуваат тажни тој ден или да претпостават дека ќе се чувствуваат се подобро штом ќе помине Тажниот Понеделник.
Депресијата е комплексен здравствен проблем. Бројките објавени од Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека околу 280 милиони луѓе на глобално ниво моментално имаат депресија.
Депресијата може да предизвика низа симптоми и варираат од благи до големи. Исто така, има многу причини, вклучувајќи хемиски, социјални, реакции на тешки околности, негативни настани од детството или претходни трауматски искуства, кои не се целосно разбрани. „Заглупувањето на нашето разбирање за депресијата и лошото расположение никому не му прави услуга“, рече тој. „Тажниот понеделник е ирелевантен. Луѓето се слободни да го игнорираат и да го оспорат овој глупав трик секогаш кога ќе излезе на површина“.
извор: Пари.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.