Во понеделник на 10 јуни 2024 година, во кафе-галерија Концепт 37 во Скопје, ќе може да ја погледнете изложбата и да присуствувате на промоцијата на проектот посветен на јапонската култура со наслов „Нишки како воздишки“.
Проектот „Нишки како воздишки“ е реализиран по избор на учесниците- ученици од шесто, осмо и деветто одделение, членови на клубот „Млади библиотекари“ во ООУ„Војдан Чернодрински“ – Скопје, со целосна поддршка од директорката на училиштето и во соработка со наставниот кадар. Во периодот од први март до двесет и осми мај две илјади дваесет и четврта година, во училишната библиотека, инициран и под менторство на Дијана Петкова-библиотекарка, изработивме четириесет и пет работилници, а учесниците одговорија на шест предизвика.
Додека работевме и се запознававме со кратките книжевни форми: хаику, хаига и хаибун користејќи креативна визуализација, сликавме енсо-круг, учевме како да се релаксираме фокусирјќи се на звук од тибетска звучна чинија, правевме суши, гомасио, мини зен градина и го најдовме своето икигаи, сите минувавме низ еден творечко-трансформативен процес којшто нè поврза духовно и интелектуало. Сфативме дека, всушност, ова ни се случува еднаш во животот и дека нема никогаш да се повтори во ваква форма, ја сфативме суштината на ичиго-ичие.
Реализацијата на овој проект е резултат на доброволното учество на учениците во него и нивната желба за нови знаења, сознанија, увиди, предизвици и поместување на сопствените граници и ограничувања.
За воздишките, иако невидливи, како и нишките коишто нè поврзаа, станавме свесни откако ја изработивме последната работилница. Воздивнувајќи, со олеснување се ослободивме од старите обрасци и форми на изразување и усвоивме нови – Дијана Петкова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.