Центарот за климатски промени (ЦКП) денеска во Хотел „Александар Палас“ ја одржа завршната конференција за проектот „Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво“, на која беше заклучено дека потребно е сите ние веднаш, одговорно да преземе акција во рамките на нашите можности и мандати, и соодветно да одговориме на климатските предизвици кои ни се закануваат. 

Проектот „Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво“, ЦКП го спроведува во рамки на програмата Граѓанска организација за климатски активности финансирана од Владата на Шведска и имплементирана од Еко-свест, МЗМП и Фондацијата CNVP. 

„За жал и покрај глобалните напори да се ограничи зголемувањето на температурата на 1,5 Целзиусов степен, разорните ефекти од климатските промени се очигледни и сите ние веќе ги чувствуваме. Анализите покажуваат дека климата во Македонија ќе биде потопла и посува и амплитудата на промените најпрво ќе биде поврзана со идните концентрации на стакленички гасови. Но додека го чекаме намалувањето на емисиите на стакленички гасови последиците од глобалното затоплување и климатските промени се алармантни веќе и во Македонија. Затоа е потребна итна акција“, истакна претседателката на ЦКП Бојана Станојевска, Пецуровска.  

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова на конференцијата потенцираше дека адаптацијата кон климатските промени значи преземање акција за планирање и прилагодување на сегашните и очекуваните влијанија на климатските промени.  

„Како држава имаме изработено четири национални планови за климатски промени во кои детално се анализирани климатски сценарија и нивните влијанија врз најзасегнатите сектори, со предложени мерки за ублажување на влијанијата во сите сектори. Како мала земја ранлива од климатските промени, ќе посветиме посебни напори во донесувањето на долгоочекуваниот Национален план за адаптација, за чие идно спроведување ќе биде потребна дополнителна финансиска и техничка помош од донаторската заедница“, истакна Шукова.  

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов посочи дека ризиците кои се поврзани со природни непогоди и кризните влијанија од процесите на климатските промени, за жал имаат нагорен тренд. 

„Водејќи се од тоа, ЦУК посветува посебно внимание на исполнување на своите законски надлежности во делот на Изработка и ажурирање на процените за загрозеност на безбедноста на подрачјата на општините, градот Скопје и Републиката. Овие активности се спроведуваат во организирана и координирана соработка со сите субјекти од системот за управување со кризи, на локално и национално ниво“, наведе Ангелов. 

Во своето воведно обраќање, на конференцијата, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути истакна дека, како институција, се повеќе се свесни за актуелноста на климатските ризици, затоа што зголемените температури ја зголемуваат веројатноста за закана од топлотни бранови, суши и поплави.  

„Токму од таа причина климатските ризици, ранливоста и мерките за адаптација ги вклучуваме во донесувањето одлуки на сите нивоа на управување. Постапувајќи согласно законските одредби и нивното имплементирање создаваме подобра иднина за следните генерации“, нагласи Максути.  

Програмскиот координатор на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ Жарко Конески потсети дека често се споменува дека заштитата на животната средина и Поглавјето 27 е најскапи и оти најмногу ќе чинат и запраша „дали нашето здравје и нашиот живот не вредат?“.  

„Сите овие мерки и активности треба заеднички да ги продолжиме во насока на подобрување на квалитетот на живот, здравјето, сигурноста и безбедноста на граѓаните“, посочи Конески, осврнувајќи се на проектот „Климатска акција“.

По воведните обраќања, претставникот на ЦКП Филип Стојановски ги претстави резултатите од Анализата на ризици од природни непогоди во Македонија и кризите кои ги причинуваат (2005-2022), а потоа во рамки на првиот панел, панелистите Ивица Тодоровски, директор на Управа за хидрометеоролошки работи, Стевко Стефаноски од  Центарот за управување со кризи и Маја Тимовска од Дирекција за заштита и спасување ја истакнаа важноста на интерсекторската соработка и говореа за тоа како да се воспостави функционален механизам за цивилна заштита.  

На вториот панел, говорниците Ирена Стерјовска Локвенец, заменик-градоначалничка на Општина Прилеп, Лазар Петров, градоначалник на Општина Демир Капија и Ѕвонко Пекевски, градоначалник на Општина Берово ги изнесоа своите гледишта во однос на проблемите со справувањето со природни непогоди на локално ниво и ги истакнаа најдобрите практики кои треба да се применуваат во иднина со цел да се унапреди состојбата и во што е можно поголема мера да се ублажат последиците.  

Конференцијата заврши со третиот панел на кој панелистите Љупка Димоска Зајков, заменик-раководител на Сектор за води, МЖСПП, проф. др. Душко Мукаетов, Земјоделски институт Скопје и проф. др. Михаил Кочубовски, Универзитет, Св. Кирил и Методиј, Институт за јавно здравје и проф. Александар Наумовски, Универзитет, Св. Кирил и Методиј, Економски Факултет Скопје,  ги изнесоа своите ставови во однос на одредбите за климатска адаптација од предлог Законот за климатска акција и обврските за општините.  

На конференцијата, на која учествуваа сите релевантни чинители и носители на одлуки, беше елаборирана моменталната состојба и беа дефинирани активностите што треба да се спроведат со цел справување со недостатоците и зголемување на отпорноста при катастрофи на национално и локално ниво. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.