Неговото семејство извести дека во мугрите на 1 јануари почина Махи Несими.

Дипломирал Политички науки на Универзитетот во Загреб, но првата негова љубов беше новинарството. Несими беше долгогодишен новинар, својата кариера ја градеше во весникот Фљака, kaде беше и уредник. По осамостојувањето на Македонија се вклучи и во политичкиот живот. Стана истакнат член на Партијата за демократски просперитет (ПДП), а во еден период беше и претседател на партијата. Но, секогаш остана верен на пишувањето, па зад него, во македонските архиви остануваат бројни новинарски текстови и анализи за политичките случувања и особено за демократскиот развој, во тој контекст и особено за изборите и изборниот процес.

Напиша неколку книги кои претставуваат единствена научна анализа за изборниот процес и патоказ за организирање на изборите и организација на изборни единици. Изборните модели беа негов фах. Предупредуваше дека сегашната изборна организација и модел создаваат нерамноправност на граѓаните. Беше строг политички критичар на дејствувањето на политичките партии без исклучок и аналитичар на политичките движења во регионот од аспект и на местото на Македонија во глобалниот свет.

Ги толкуваше големите одлуки што се носеа во Македонија низ годините, во тој контекс и договорите со Грција и со Бугарија.

Махи Несими беше амбасадор на Македонија во Загреб, Хрватска. Потоа се посвети на својата научна дејност. Беше чест гостин во дебатни политички телевизиски емисии.

Беше исклучителен познавач на културата и уметноста и твореше и на тој план.

За својата долгогодишна дејност на Махи Несими во 2021 година му беше врачена државната награда „11 Октомври“ за животно дело.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.