Претседателот Стево Пендаровски во рамки на проектот „Лице в лице“ со претседателот, денеска беше во подрачното основно училиште „Кирил и Методиј“ во Злетово.

При престојот во училиштето, претседателот Пендаровски ги посети единствените 3 ученички во прво одделение и учениците од трето одделение, каде наставата е инклузивна, односно една од ученичките следи настава со образовен асистент. Со првачињата и со третоодделенците претседателот поразговара за нивните омилени предмети, за поголемите и помалите предизвици со кои се соочуваат при совладување на наставата. Поттикнати од својата љубопитност, дечињата упатија бројни прашања за професионалниот, но и за приватниот живот на претседателот.

Во училиштето претседателот Пендаровски поразговара и со учениците од седмо одделение кои следеа час по информатика.

 

Подрачното основно училиште „Кирил и Методиј“ во Злетово е изградено во 1966 год. Во него има вкупно 149 ученици од прво до деветто одделение кои учат по иновативни наставни програми. Училиштето во Злетово функционира во состав на ООУ „Браќа Миладиновци” во Пробиштип, кое пак беше избрано за меѓународното тестирање TIMSS 2023 год, меѓународна студија за мерење на трендовите во математиката и природните науки.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.