Со крос-кантри велосипедска трка од три македонски велосипедски клуба од земјава, на Ски-центарот Панорама во Крушево беа промовирани новите професионални велосипедски патеки што се градеа за година и половина со стручна помош од швајцарски експерти. Патеките се во должина од 4,6 километри, а во догледно време може професионално да се изградат уште преку 40 километри кои се мапирни. Инвеститор е центарот „Панорама“ од Крушево, со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Според инвеститорот Кочо Стојчески од комплексот „Панорама“ тие се првите во земјава сертифицирани од швајцарски експерти за изгработка на патеки според меѓународни стандарди.

– Сакавме да ја збогатиме понудата со вело-патеки. Ковид кризата нѐ научи дека велосипедизмот е битен за здрав живот, за престојот во природа и за спортувањето. ја почнавме иницијативата, ни помогна програмата „Име“ со Швајцарската агенција за поддршка и развој, а ги изработија швајцарски експерти според меѓународни стандарди. Сега се направија 4,6 километри и веќе имаме можност да се направат 42 километри кои се мапирани. Нашиот тим, поучен од швајцарските експерти, веќе знае како да се изработат патеките и да стигнеме до преку 40 километри. Може да се пофалиме дека сме први во Македонија, сертифицирани, така да кажам, од швајцарските експерти за да може да изработуваме патеки според меѓународни стандарди, изјави Стојчески.

Горан Дамовски, тим лидер на програмата „Име“ вели со сигурност сега може да се одржуваат регионални и други трки во Крушево.

– Означуваме еден почеток на нова страна на понудата во Крушево. За брзо време во Крушево ќе се одржуваат регионани и други трки бидејќи ги има сите услови за тоа, рече Дамевски.

Крушевскиот градоначалник Томе Христоски нагласува дека Крушево е центар на авантуристичкиот туризам. По овие нови патеки, ќе се градат и „даунхил“ преку програмата за прекугранична соработка со Албанија.

-Крушево е омилена туристичка дестинација за четири сезони и останува посветено за создавање подобри услови за здрав и исполнет живот. Создаваме услови за уникатен авантуристички туризам – планински веосипедизам. Со проектот за меѓународна соработка со Албанија ќе се воспостави даунхил – патека во непосредна близина на жичарницата, во должина од 2,5 километри, рече Христоски.

Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот смета дека Крушево е центар на авантуристичкиот туризам, а оваа збогатена понуда виртуелно ќе биде претставена на саемот во Полска.

– Успешна приказна е за тоа како треба да се работи, како може да се спојат корисното, инвестициите, локалната самоуправа, централната власт и, секако, странските донатори. Без довербата или стручната странска експертиза, инвестицијата како и добрите услови што ги овозможува самата општина, ова немаше да биде возможно. Денеска, заедно со Име – програмата ќе имаме и снимање за виртуелна реалност и на првиот саем во Полска ќе ги претставиме планинските велосипетски атракции на Крушево и за многу брзо во дигитализацијата ќе ги ставиме на мапата за да ги промовираме како туристичка понуда. Агенцијата уште во 2018 година кажа дека Крушево го гледа како туристичка атрактивност во четири сезони. Всушност и целата наша земја е дестинација за четири сезони . Годинава успеавме во визијата да донесеме што поголем број туристи. Се надевам дека во 2023 година ќе ја поминеме фантастичната бројка од четири милиони ноќевања во Македонија и нешто повеќе од 500 милиони долари девизен приход од туризмот. Гранка која влијае на други 22, а најмногу на локалниот економски развој. Да им дадеме визија на младите дека и од туризмот може да се живее, изјави Јаневски.

Со крос-кантри трката, македонските велосипедисти ги дадоа оценките за патеките. Боре Стефановски е велосипедски репрезентативец.

-Доаѓам од клубот „Крос сајклинг“ од Куманово. Патеката е перфектна. Оваа трка е многу битна за развој на планинскиот велосипедизам. Крушево нуди многу добри услови за активно организирање на меѓународни трки. Тука е планината што е најпотребно, рече Стефановски.

Дуња Иванова, од велосипедски клуб „Енерџи“ смета дека добивме одличи патеки.

– Новите патеки значат мотивација за сите нас, но и за сите рекреативци. Патеката е многу интересна, можеби комбинација на маратон и крос-кантри патека, нема многу тешки текнички елементи, достапна е за сите. Поттик е за развој на планинскиот веосипедизам и за меѓународни натпреварувања, рече Иванова.

Анета Величковска, велосипедски клуб „Оксижен“ се надева дека сега ќе се зголеми интересот и кај девојките.

– Меѓу девојките не е многу популарен спорт. Патеката во Крушево е одлична, не е многу тешка технички, па сите може да дојдат, вели Величковска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.