Од утре во зимскиот рекреативен центар Пониква на Осоговските Планини почнува сезоната за ноќно скијање.

Последните врнежи од снег и релативно ниските температури овозможија скијачките патеки да бидат добро подготвени поради што од концесионерот „Еурокомерц“ – Кочани најавуваат продолжување на дневните со ноќни термини за користење на условите што се нудат.

За ноќното скијање од овој викенд посетителите ќе можат да ја користат патеката број 1, која целосно е осветлена и во функција е ски-лифтот. Таа е погодна за почетници и напредни скијачи, а на посебен дел е обезбеден простор за санкање на најмладите. Дневниот билет чини 700 денари, а дополнително може да се изнајмат скии, санки, штици за бординг, облека и заштитна опрема за скијање. Исто така, стручни лица нудат обуки за скијање за деца и почетници, истакна Благој Манев, управител на „Еурокомерц“.

За уредувањето и подготовката на патеката за скијање е користена машина ратрак, а доколку има потреба во функција можат да се стават и топовите за вештачки снег.

Ноќното скијање ќе биде во периодот од 17 до 21 часот, а во зависност од интересот на посетителите можно е, освен во викендите, тоа да се реализира и во другите денови од неделата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.