Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, традиционално присутна на саемот за туризам во Измир, Турција “TRAVEL TURKEY İzmir”. Саемската манифестација се одржува од 8-ми до 10-ти декември 2022 година, во организација на TÜRSAB – Здружението на турски туристички агенции и İZFAŞ, под покровителство на Република Турција, министерство за култура и туризам. Туристичката понуда која е спој на историско-културните релации помеѓу Македонија и Турција е промовирана од инкаминг агенциите, ДМЦ Балканс и ПЦС Тур, дополнето со присуството на Радика Ресорт.
Директорот, д-р Љупчо Јаневски ги најави потврдените чартери за 2023 година од Измир за Скопје со зголемена динамика и пакет аранжмани од три, пет и седум дена во Македонија и зголемен број на кружни патувања на турски туристи од измирскиот дел на Турција.
“Започнати се разговори за чартери од Измир за Охрид во текот на сезоната 2023 година со два туроператори од Турција, еднаш до два пати неделно во високата сезона. Потврдени се повеќе кружни тури и континуирана динамика на патувања од турските туроператори кои нашата дестинација ја оценуваат како многу атрактивна и интересот за 2023 година е уште повеќе зголемен”- дополни Јаневски.
Македонските туристички потенцијали се промовираат и со најновата ВР технологија која автентично ги претставува дестинациите и туристичките атракции, пред се за активните форми на туристичка понуда.
Следејќи ги статистиките, забележан е раст од 70% на бројот на туристи и зголемување на остварените ноќевања за 65% од туристичкиот пазар Турција, за период од јануари до септември 2022година споредбено со истиот период од 2021 год. Учеството на турските туристи од вкупниот број на туристи во Македонија изнесува 12% за период од јануари-септември 2022г. Очекуваме во 2023 година турскиот пазар по бројот на ноќевања да се врати и да го надмине бројот од 2019 година, што овозможува резултатите на македонскиот туристички сектор да достигнат 3,2 милиони ноќевања.
Агенцијата за туризам договори неколку информативни патувања на влијателни инфлуенсери од Измир за првата половина од 2023 година, надополнети со фокусирана “google” кампања за Истанбул и измирскиот регион. Би сакале да потенцираме дека турскиот пазар е во фокусот и за вториот дел од медиумската кампања, промоцијата ќе ја насочиме на електронски медиуми, односно 100% онлајн рекламирање. Интересот за македонските убавини е огромен, Агенцијата за туризам продолжува со дефинирање на соработката со туристичкиот сектор од Турција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.