Семето-ркулец на животот е носечка тема на третиот број на списанието за училишните активности на Слоу Фуд Македонија, „Полжавче“.

Станува збор за списание кое првпат е овјавено во 2020 година во рамките на програмата Слоу Фуд Училишни градини која има за цел подигнување на свеста кај чинителите на образовниот процес од важноста на воведување на градинарството во рамки на образованието и формирање на училишни градини. Досега во оваа програма се вклучени дваесет училишта од Македонија.

Воведот во списанието напишан на македонски, италијански и англиски јазик не упатува кон содржините на третиот број на „Полжавче“. Покрај што се опфатени активностите на училиштата во нивните училишни градини, списанието голем простор остава и за детската креативност, но и за стручни текстови кои имаат едукативна улога не само за учениците туку и за наставниците и родителите. Така, во овој број на теми поврзани со семето, важноста од зачувувањето на автохтоните и старите сорти кои се основа за одржување на биодиверзитотетот пишуваат проф. д-р Соња Ивановска и  проф. д-р Звезда Богевска од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, проф. д-р Билјана Гвероска од Научниот институт затутун во Прилеп, м-р Билјана Дрвошанова од Земјоделскиот институт во Скопје, нутриционистот Тодорка Наумоска Димески и секако со своите видувања и идеи вклучени се голем број наставници без кои не може да се прошири идејата за основање на училишните градини.

Земјата е најдобра банка. Ставаш семе во неа, а таа бесплатно го размножува. Така рекол и запишал некој мудар човек. Е, сега нам ни останува задачата да избереме добро семе, оти, нели, според старата македонска поговорка: Што ќе посееш, тоа ќе жнееш“. Семињата и дечињата имаат поврзаност меѓу себе. Семето е потенцијал за новото растение, а детето е семе од косе се раѓа човекот. Ние водиме грижа и за едните и за другите“- вели Филип Димкоски, главен и одговорен уредник на „Полжавче“.

Во списанието се наоѓаат и забавни прилози, занимливости и креативни активности, овојпат благодарение на ликовниот уметник Филип Цакоски, поместен е и стрип, раскажувалка преку илустрации и содржини за дополнување, боење и поврзување. Тука се и гатанките, песните и расказите. Во овој број поместен е и расказот  Градинче од еминентната македонска писателка Бистрица Миркуловска, чија книга за деца „Цвеќенца“ е прва книга за деца, напишана од жена, во македонската литература.  Остварена е и меѓународна соработка со САД преку прилогот на Мара Велтон, посветен на амаериканските училишни градини.

Особено внимание е посветено на техничкото уредување и графичкото обликување кое од првиот број го прави дизајнерот Горан Трсунов, лектурата е на Марина Василевска Геческа, илустратори се Филип Цакоски и Владимир Здравески, а насловната фотографија е на Концепт продукција. Фотографиите во списанието се на Андреја Котески и од архивите на Слоу Фуд Македонија.  Отпечатено е во печатницата Бабук во Битола, а издавач е Слоу Фуд Македонија.

Списанието во печатена форма ќе биде достапно на сите настани на Слоу Фуд Македонија, а електронската веризја наскоро ќе биде достапна на официјалната страница на Слоу Фуд Македонија: www.slowfood.mk

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.