Оризовиот отпад како дизајн материјал
Под слоганот „Како може оризовиот отпад да се трансформира во дизајн?“, Македонското модно здружение – Скопје заедно со дваесетина млади ученици од СОУ „Ванчо Прке“ – Виница, во петокот приредија изложба на тема „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн-суровина во Општина Кочани и во Општина Виница“, во Домот на културата „Тошо Арсов“ – Виница.
Амбасадорот на Народна Република Кина во Скопје, Неговата Екселенција Џанг Ѕуо и Градоначалникот на Општина Виница Миле Петков беа дел од гостите на изложбата.
Имено, под менторство на истакнати дизајнери, уметници и креативци кои помагаа во реализација на овој единствен проект, младите креативци имаа можност да ги прикажат резултатите од творењето во изминатите неколку месеци токму во рамките на изложбата. Овој проект беше финансиран од страна на Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ).
Инхерентните врски помеѓу културното наследство, образованието, земјоделството, дизајнот, занаетчиството и економијата се активираат во контекст на проектот. Зголемената свест за оваа меѓузависност ја поттикнува размената на различни вредности, знаења, вештини и компетенции, генерирајќи увид за сите вклучени, но и за еволуција на проектот.
Сите дела се создадени со многу љубов, енергичност и посветеност од страна на талентираните ученици под менторство на уметниците Викторија Митрева и Орхан Камилов од Здружението „Одоната“ – Кочани (изработка на хартија од оризова слама), мајстор – занаетчија Љубинка Механџиска (традиционален разбој), дизајнер Ирина Тошева (мода), Анита Гајтановска од „Lotus Lounge Chair“ (продукт дизајн), Натали Ристовска од „YOVA“ во соработка со студентите од Машинскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (истражување и продукт дизајн), асист. м-р Иво Митрушев и асист. м-р Бранкица Спасева од УКИМ (Нов живот за биоотпад од ориз), Зоран Тодоров од НВО „За здрав живот во Кочани“ (екотеорија), Андријана и Димитар Петровски (фотографија), Благоја Ангеловски (режија и видео).
Преку практични работилници, теоретска настава и креации, учениците од СОУ „Ванчо Прке“ – Виница покажаа како може да се развијат нови дизајни на производи од оризовиот отпад (арпа/ слама), како главен предмет за истражување. Со уметност и иновација, тие покажаа на каков начин може да се искористи потенцијалот на земјоделскиот отпад како алтернативна суровина во производството и дизајнот.
Станува збор за иновации во рамките на овој проект, односно оризовата слама се претвори во вреден квалитетен производ – предиво од оризова слама и волна. Модни креации изработени од текстилни остатоци (добиени од локалната фабрика) и од ткаенина рачно изработена на разбој од предиво од влакна од оризова слама и волна. Ткаенините, направени на рачен разбој, создадоа хармоничен спој на елеганција низ еколошка изработка. Оваа врвна иновација нуди силен потенцијал за да се намали екстензивното согорување на оризовата слама и неговото негативно влијание врз животната средина и климата воопшто.
Различните активности во рамки на проектот за користење на оризовиот отпад се развиени со крајна цел за негова поширока релевантност. Изложбата ќе биде достапна за публиката до 21 декември 2023 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.