Нови колекдии и иновации на домашните дизајнери беа презентирани на вториот ден од 26. издание на Моден викенд Скопје кој почна со голема италијанска модна ноќ.

Програмата ја започнаа претставниците на Текстилното Трговско Здружение – Текстилен Кластер кој е дел од проектот „Fashion Employment Hub” и кој е еден од фаворитите за соработка на Моден викенд Скопје, заради мисијата која заеднички ја делат, а посветена е на одговорната мода. Овој проект е кофинансиран од Европската Унија и од националните фондови на земјите учеснички во Интеррег ИПА ПС програмата. Тоа беше и вовед кој присутните ги однесе во светот на иновациите и иднината.

Со претставување на IKIVERSE – првата дигитална модна ревија на Моден Викенд Скопје на Искра Џокиќ Кецап. Таа е дизајнер и уметник кој користи најмодерна 3D дигитална технологија за дизајн на облека која е достапна во оваа област. „Panta Rei – сѐ тече, сѐ се менува. Оваа максима се однесува и на начинот на креирање во модниот дизајн. Живееме во дигитално време во кое секогаш се бараат нови решенија, нови алатки кои се адаптабилни и кои нудат одржлив пристап. Огледало на ова е и новата модна колекција IKIVERSE„- изјави Искра при претставувањето на својот проект.

Потоа следуваше “Hope this feels familiar”, проект кој е соработка помеѓу модната дизајнерка Теодора Митровска и визуелниот уметник Душан Стефановски. Се работи за проект кој ги истражува границите помеѓу мода, уметност и перформанс. Иронично насловен „Hope this feels familiar„ проектот претставува нов неистражен терен за Теодора и Душан, а особено за нашата модна сцена.

Втората вечер продолжи со модната ревија на студентите на Интернационалниот институт за мода Изет Цури-личност во модниот свет кој по своето повеќедецинско работење во најстарата светска модна метропола- Париз, се стекна со непроценливо искуство во техничките области на изведба на рафинирана облека, водење сопствено ателје за облека направена по мерка и костимографија. Неговата благородна визија за пренесување на знаењето и акумулираното професионално искуство на младите генерации од земјата и регионот резултираше со отварањето на Интернационалниот Институт за мода „Изет Цури” во Скопје во 2014 година. Овој институт стана синоним за врвни стандарди во обучувањето на идни дизајнери, како од технички аспект (моделизам), така и од аспект на поширока дизајнерска обука (стилизам) и оспособување за независна дизајнерска работа.

Интернационалниот институт за мода „Изет Цури” ја продолжува традицијата на подготовка и реализирање на модни ревии. Секоја од студентските креации кои ги видовме синоќа, се дизајнерски преводи на индивидуално избраните теми. Креациите го ставаат акцентот на техничката изведба, но и разработената инспирација која доаѓа од различни извори како: древните и современи култури, наследството на високата мода, експериментирање со техники на изведба, историјата на модата и реинтерпретација на дизајнерските остварувања од минатото, како и одржливата мода.

По големото дефиле на Интернационалниот институт за мода, публиката имаше можност да ја погледне колекцијата “Goddess” на Емира Имери. Нејзината колекција инспирирана од богињите претставуваше драматична игра на форми, бои и додатоци кои ја рефлектираат жената како борец која никогаш не се откажува од себеси.

Мила Спасовска го потпишува брендот Yamuna. Таа презентираше аксесоари специјално дизајнирани од боите на палетата на IQOS.

УРМА имаше свој интересен поп ап простор на вториот ден од FWSK. Таа е и првата концептуална онлајн продавница кај нас, која го соединува пазарењето со културата на живеење, пружајќи им несекојдневно и стилско купувачко искуство на клиентите со дизајнерски производи од висок квалитет, како и внимателно одбрани производи од етаблирани брендови, креирајќи селекција која има и културни придобивки за купувачите.

Отворена беше и изложбата “SMALL BUT PERFECT: THE ENERGY OF DESIGN FOR PEOPLE AND THE ENVIRONMENT” посветена на личностите кои на свој начин и преку својата работа се гласноговорници на циркуларната економија.

На денешниот последен ден најавен е THE BRIDAL FASHION, а ќе бидат претставени колекциите на „Ал Апарел” на Наташа Карчева, SIGMA Jewelry, VLORA & KALTRINA и FA-BU на Јагода Пачемска.

Модните ревии имаа и пратечка офф програма со јавни дебати кои ги актуелизираа темите на одговорно консумирање на модата и на циркуларната економија, како силен фокус кој Моден Викенд Скопје ги застапува подолг временски период, но и теми поврзани за иновациите во модниот свет како што е 3D моделирање и виртуелни модни ревии кои полека стануваат глобална реалност.

Моден Викенд Скопје не е само моден настан и не е само платформа за промовирање на новите сили во модата и славење на докажаните, туку и организација која претставува грижа, љубов и реалност за сите оние кои одлучиле да се посветат професионално со мода, дизајн, естетика и убавина, на кои ќе има се помогне на патот до успехот, па така низ бројки изминатите години реализирани се 303 модни ревиии, истите ги следеле преку 100.000 гледачи, се претставиле околу 50 самостојни дизајнери и 42 модни брендови и странски гости, организирани се 27 општествено одговорни настани, моделите ги носеле над 3.000 манекени, во организацијата биле вклучени над 500 луѓе и сѐ се одржувало на 50 типични и нетипини локации.

Мотото на 26-то издание на FWSK е “Јазикот на етиката и дизајнот”, локацијата e East Gate Mall, а календарски и концептуално настанот се вклопува во Деновите на италијанскиот дизајн, при што ова издание се реализира во тесна соработка со Италијанската Амбасада во Скопје, Италијанската агенција за трговија ITA и Ист Гејт мол.

Фото Гјоргиј Ристоски

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.