Со презентација на „Дијалози“, која ја организираше Амбасадата на Шпанија, почна 28. Моден викенд Скопје, кој се одржува до утре (30 март) во деловниот дел од трговскиот центар „Ист гејт“.

Оваа презентација за мода и занает беше своевиден мастерклас во симбиотската врска помеѓу традицијата и иновативноста. Прославувајќи го занаетот и модата инспирирани од керамиката „Talavera de la Reina“ и жителите на Талавера-Шпанија, младите уметници и модни дизајнери Роберт Ивановски и Магдалена Таневска, заедно со занаетчиите и грнчари: Анета Попова, Слободан Столески, Христина Крстеска, Татјана и Борче Богоевски, ја открија капсулната колекција која беше дијалог помеѓу античката уметност на шпанската керамика и современите модни сензибилности.

Моден викенд Скопје, не е само парада на трендови, туку сериозен афирматор на модата и еко-свеста. Секогаш има прецизно курирана програма, посветена и на амбициите на новите дизајнерски сили, но и на одржливите аспирации на модата и дизајнот, вели организаторот на најголемиот моден настан во Македонија.

Паралелно со ова, течеа работилниците и панел-дискусиите под покровителство на Europe Hоuse Skopje, кои понудија длабоко нурнување во етиката на модата.

фото: Моден викенд Скопје

Вчера се отвори и одличната изложбата на Друштвото на ликовни уметници на Македонија под наслов „Лебдење” (Floating) со автори кои работат на текстил во ликовен контекст: Јана Манева-Чупоска, Ана Ивановска, Јана Јакимовска, Страхил Петровски, Гордана Вренцоска, Марјана Којсточиновска Узунчева и Маја Кировска.

Брендот Crius, го скрши мразот во синоќешната агенда на ревии. Бренд под креативно раководство на Радмила Георгиева, која ја претстави „Носталгија“, колекција која беше љубовно писмо до минатото, до спомените и моментите кои го обликуваат нашиот идентитет. Колекцијата беше потсетник дека модата не е тука само да биде украс на телото туку и да ја допре спиритуалната страна.

Следуваше Not Col на Магдалена Таневска, која го претстави „Кочо“, како почит на македонскиот литературен великан Кочо Рацин. Оваа колекција беше манифест на одржливост и креативност, прослава на бунтовничкиот дух кој го предизвикува статус квото и повторно ги замислува можностите на дизајнот и материјалот.

Презентацијата на INT групацијата беше доказ за моќта на интердисциплинарните иновации, премостувајќи ги световите на модата, технологијата, и пошироко. Нивната колекција беше увид во иднината, каде што модата служи како спој на креативност, одржливост и технолошки напредок.

Naash.x, под креативната визија на Христијан Нашуловски, ја затвори вечерта со „Рурини“, збирка која навлегуваше во комплексноста на постоењето, на битието и на станувањето. Преку облеката што делуваше како втора кожа, Нашуловски не покани облеката што ја носиме да ја сметаме за складиште на нашите приказни, нашите борби и нашите триумфи. Модната ревија на Naash.x, е поддржана од Анита Гајтановска и Lotus Lounge Chair.

фото: Моден викенд Скопје

Денес продолжуваат настаните на Моден Викенд Скопје со работилниците на Europe House, а вечерта се модните ревии на студентите кои студираат моден дизајн на Европскиот Универзитет, Силвија Михајловска ќе се претстави со колекцијата ALSHAR поддржана од Макстил, а за крајот на вечерта на програмата е шоуто DISCIPLINA, поддржано од IQOS.

Моден викенд Скопје завршува на 30 март со Bridal Fashion Night.

Фото: Фото Г. Ристоски, Г. Бошковски

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.