Оригинални приказни од познати домашни и странски дизајнери беа претставении на првото издание на Скопскиот моден фестивал кој започна со тридневна ревијална програма во трговскиот центар Скопје Сити Мол во петокот. Цел месец учесниците на манифестацијата од ќе ги промовираат и продаваат колекциите за претстојната сезона.
Првиот моден фестивал се одржуваше под слоганот „The Future was Present“.
Честа да ја отвори првата сезона на настанот му припадна на сестринското трио Ангелина, Ива и Сандра Китановски. Новата колекција на КТН го носи името „Тилери“. Ода кон Катарина Медичи, креаторката на оваа градина инспирирана од нејзината родна Фиренца, со бои позајмени од најубавите цвеќиња и материјал налик свилено ткаење коишто ја следат линијата на Парижанката – колекцијата „Тилери“ на КТН создаде вистински имиџ дополнет со практичната тоте торба.
Како дебитанти на Скопски моден фестивал се запишаа и три студентки на престижната косовска Akademia Evolucion од Приштина, претставувајќи ги капсулните колекции „Trompe L’oeil”, „Preserved the beauty” и „Kompsotita”.
Заедничкиот настап на македонската дизајнерка Евгенија Зафировска и Теја Јеглиќ од Словенија, направи баланс помеѓу гламурот и одржливата страна на модата. Растенија, архитектура и град што се трансформира, традиционална форма и сосема нов правец, конзерваториум и канцелариски простор- симболично за влијанието на Амазон врз Сиетл e нивната инспирација за колекцијата „INSIDE“, сочинета од безвременски парчиња облека и чанти. Колекцијата ја карактеризираат острите и органските линии, изборот на материјал и рачната изработка.
Познатата грчка дизајнерка со интернационално реноме Стела Папакоста направи хаос со ревијата на брендот STL Studios. Колекцијата „CHAOS 95“ е дефинирана со црвениот елемент и геометриските дезени, препоставувајќи го дизајнот и вниманието на деталите, со акцент на кроењето и еклектична употреба на материјали и наменски изработени ткаенини.
Огромно внимание меѓу присутните гости и на социјалните мрежи предизвика и колекцијата „Сестри“ со потпис на дизајнерката Сара Реџиќ, чија желба е да го спои и она што наизглед е неспоиво. Нејзиниот бренд Sari Gi десет години создава уникатни и необични креации, обединувајќи ги традиционалното и модерното во исто време. Употребува рачно изработени парчиња и на тој начин ги спасува од заборав. Колекцијата „Сестри“ е една современа бајка инспирирана од секојдневните убавини на животот. Наменета е за жени кои го сакаат шаренилото и за сите модерни самовили.
Спортскиот бренд Superstacy доаѓа од Турција, има свое македонско претставништво и е најпродаван на нашиот пазар во споредба со другите држави.
Кралицата на модните изненадувања Стефанија Насеска прослави десет години од првата одржана ревија на истоимениот бренд, со перформанс за колекцијата „The Great“ на Скопски моден фестивал. Претставува стилски восхит кон ликот и приказ на космополитски залагања и погледи на Големиот Александар кон светот, а поради јубилејната десетка во оваа колекција има елементи од секоја претходна. Различноста и шаренилото на материјалите се инспирирани од античките мозаици. Како детали се среќаваат лавот и сонцето, а исто така преовладува белата боја, како и мноштво други заштитни симболи на македонското кралско семејство.
Албанската дизајнерка Катерина Зото, пак, на сцената ја оживеа имагинацијата за љубовна двојка која го танцува својот валцер на среќата во сала полна со свеќи. Колекција е романтична и сонлива и може да се наследи низ различни генерации, бидејќи нема времеска одредница.
Ревијалнот дел на првата сезона го затвори гламурозната ревија на Емили Пишева Гоџирова, односно македонскиот бренд за висока мода Emili Exclusive Design. Елегантните и уникатни креации ја слават брилијантната женственост, нагласувајќи ја убавината и силуетата на жените.
Вториот дел од програмата на Скопски моден фестивал е тринеделниот изложбено-продажен салон на приземјето во трговскиот центар, каде ексклузивно можат да се погледнат и купат креациите на мнозинството фестивалски учесници, на кои им се придружија дизајнерките Моника Димова и Мирјана Јосифоска, како и брендовите Minnimal, La Dama и MNML by Nana. Oд почетокот на оваа седмица па сè до 27 март, шоурумот на Скопски моден фестивал ќе биде отворен за сите посетители на трговскиот центар, но и специјални гости од светот на уметноста и музиката, кои дополнително ќе ја прослават новата модна пролет во градот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.