Во рамки на проектот, „Младинска акција за чист воздух“, Центар за климатски промени (ЦКП) организираше 15 младински форуми во градовите Куманово, Кавадарци, Скопје, Велес и Гостивар, на кои учесниците заклучија дека од исклучителна ваажност е локалните власти да ги приоретизираат мерките за чист воздух и да ги имплементираат барањата кои тие ги испратија, а со кои директно ќе се влијае на намалување на аерозагадувањето.

Форумите, на кои учествуваа над 130 млади луѓе, резултираа со неколкумесечен активизам и едукација за нивно поголемо вклучување во борбата за чист воздух во своите општини. Во текот на неколку работилници младите имаа можност да научат за причините за аерозагадување, начините за негово намалување, но и за начинот како да се вклучат во креирањето и носењето одлуки.

На последните младински форуми кои се реализаа во текот на месец септември младите луѓе ги претставија своите барања пред општинските службеници и советниците.

За да се зголеми свесноста за намалување на употребата на автомобили и користење на велосипедите како превозно средство, младите од Куманово, Гостивар, Кавадарци, Велес и Скопје побараа да се прошири инфраструктурата за велосипеди. Младите од Скопје побараа и нови сообраќајни решенија на некои места во градот, а според нив од клучно значење е продолжување на велосипедската патека по кејот на Вардар се до населените места Јурумлери и Петровец, и поврзување на населбите со правење повеќе излези.

Исто така младите од Куманово побараа и да се прошири паркот по должина на реката Кумановка, како и да се постави урбана опрема, бидејќи, како што истакнаа, нема доволно зелена површина во градот каде што младите можат да се рекреираат. Во Велес младите имаа конкретни барања поврзани со проширување на урбаното зеленило во населби каде скоро и да нема зеленило, а побараа и конкретни решенија во Младинскиот парк во Велес каде со години нема направено обнова на зеленилото.

Сите овие општини се соочуваат со серизен проблем со големи колчини на пластичен отпад што завршува на градските депонии на кои често избива пожар, а тоа предизвикува загадување на воздухот, па од таа причина, младите на форумите побараа да се постават вендинг машини во маркетите и училиштата во градовите. Тие сметаат дека е неопходно да се постават вендинг машини во маркетите и училиштата и граѓаните за секое рециклирано шише да добијат поврат на средства во висина од 0.5 до еден денар, а учениците да добиваат вредносни ваучери кои ќе можат да ги користат во продавници за спортска опрема во градот.

Имено, беше побарано и Општините да обезбедат субвенции за уреди за загревање на домовите кои се еколошки, со што ќе се намали употребата за дрва за огрев.  Во Куманово, како град во кој е достапна гасификациона мрежа, младите побараа и зголемување на субвенции за домаќинствата за приклучок на мрежата.

Општинските претставници нагласија дека внимателно ги разгледале сите барања и дека тие во континуитет работат на спроведување на истите. Тие нагласија дека се свесни за проблемите со кои се соочуваат градовите и оти ги знаат очекувањата на младите луѓе кои сакаат да живеат во здрава и чиста животна средина.

Спроведувањето на мерки за намалување на аерозагадувањето е на различно ниво во секоја од овие општини, но со оглед дека барањата беа испратени официјално во месец мај и јуни, одговорните ги разгледале и објаснија дека барањата се реални и оти општините ќе ги земат предвид во подготовката на програмата за животна средина за следната година и истите ќе ги буџетира со цел обезбедување доволно средства за реализација. Исто така барањата поврзани со поставување на вендинг машини се веќе реализирани во Кавадарци, а се планираат и нови вендинг машини да се постават. Воедно се планира во скоро време да се започне и со проширување на велосипедската инфраструктура во Куманово, Велес и Гостивар.

Она што беше од огромно значење е дека форумите поттикнаа соработка помеѓу младите и општинската администрација, при што се разговараше и за вклучување на младите во активности за едукација, подигнување на јавна свест, но и генерално при спроведување на барањата и реализација на активности.

„Навистина е значајно што форумите беа успешни и продуктивни, бидејќи само со заеднички ангажман ќе придонесеме кон менување на состојбите. Она што се издвојува, е посветеноста на младите да направат промени кои ќе донесат добро за сите, но и волјата на општинските претставници за имплементирање на барањата. Горди сме што овој проект ќе овозможи менување на тековните состојби“, нагласи претсeдaтелката на ЦКП Бојана Станојевска Пецуровска.

Проектот, „Младинска акција за чист воздух“ го спроведуваше Центар за климатски промени во партнерство со УНИЦЕФ, а го финансира Владата на Шведска. Тој има за цел да ги изгради капацитетите на младите за лобирање и застапување, но и да ги поттикне младите да го кренат својот глас и да допринесат во борбата за чист воздух на локално ниво. Во текот на реализацијата на проектот беа вклучени повеќе од 250 млади луѓе од овие пет градови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.