Успешно се одржи најавената планинарска акција за „Милениумска патека“ на планината Сува Гора која седма година по ред ја организираше планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово. Оваа планинарска тура која е наменета за почетници и рекреативци претставува и можност за запознавање со големото и богато културно наследство во овој регион, а воедно има и едукативен карактер.
-Годинава имавме 170 планинари од голем број градови од државата, а групата освен низ шумскиот предел имаше прилики да посети и седум цркви и археолошкиот локалитет Граиште кај селото Стенче. Денес имавме одлични услови за планинарење и дружење, имавме сончево и топло време, истакна Борис Стојановски, претседател на ПК „Јелак“.
Како и секоја година досега по организираниот превоз од Тетово движењето низ шумските предели почнува од крајот на селото Блаце. Таму прво се стигнува до месноста Самовилска вода и црквата Света Троица.
-По краток престој и одмор, од Самовилска вода заминававме кон атарот на селото Стенче, поточно до црквата Света Петка. Овој предел претставува единствена нагорнина која ја искачуваат планинарите и претставува движење од 720 до 880 метри надморска височина. По краток престој пак се движевме и стигнавме до археолошкиот локалитет – месност „Граиште“, исто во Стенче каде слушнавме за значењето на ова место во ранохристијанскиот период и ширење на православната вера. Од таму стигнавме до црквата Свети Илија, за мал одмор, по што следуваше црквата Света Екатерина каде имаше најголема пауза за одмор, јадење, пречек од домаќините со чај, овошје и благо, како и едукативно предавање за храмот и светителката, истакна Стојановски.
Крајниот дел од турата беше предвиден за посета на двете цркви во селото Волковија. Таму се посети месноста Волковска Чука и црквата, Свети Георги Победоносец, а има движење низ пределот каде е сниман култниот македонски филм „Македонска крвава свадба“. Акцијата заврши со посета на црквата Свети Мина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.