Претставници на Коалиција за застапување на правата на лицата со хендикеп „Менуваме“ денеска беа на средба со пратеници од Собранието, со цел да разговараат за проблемот со неисплатените надоместоци на персоналните асистенти за шести, седми, осми и деветти месец од 2024 година.
Според претставникот на „Менуваме“, Суарет Алишан, пратениците се заложиле за решавање на проблемот, но, сепак, тој најави дека ќе излезат на протест доколку не видат реална реализација, односно дека средствата за асистентите не бидат целосно подмирени.
„Протестот е закажан за 12 октомври, сабота, пред Владата. Протестот е еден вид на ‘крик’ за да не видат и разберат, бидејќи ние денеска имаме информација дека до утре ќе ги добијат парите провајдерите, но тие пари се само за шести, седми и осми месец. Чекаме деветтиот месец да биде подмирен до 11-ти, во петок. Во спротивно, излегуваме на протест на 12 октомври и не попуштаме, бидејќи овие проблеми мора да бидат решени“, потенцираше Алишан од „Менуваме“.
На средбата од пратениците било побарано тие да бидат медијатори во Министерство за социјална политика, демографија и млади, согласно надлежноста на оваа институција за асистентите.
„Побаравме ние да учествуваме во преговарачкиот тим како невладина организација и Црвениот крст на Македонија, каде што заеднички ќе изготвиме извештај кој ќе ги детектира сите слабости“, посочи Алишан.
Со парламентарците се отвориле и други прашања, како на пример решавање на проблемот со Националниот сојуз на слепи на Македонија.
Уште пред две години објавивме дека таму се случуваат низа пропусти, кои се со лукративни цели или со криминогенско делување. Досега се исчезнати многу пари, ангажирани се непотребни ресурси и исчезнати се имоти – движни и недвижни. Од тие причини, запознаена е државата, надлежните институции, Јавното обвинителство, Управата за финансирање на МВР итн. Сметам дека ситуацијата треба да се реши и сите ќе си ја сносат одговорноста, бидејќи денешниот проблем, хаос со асистентите е благодарение на Националниот сојуз на слепи“, тврди Алишан, додавајќи дека лиценци се давани „на кој се стигне“, без да се почитуваат законските членови за тоа кој треба и може да биде асистент.
Алишан рече дека парите што се доделуваат за персонална асистенција се од Светска банка и се предвидени до 2028, а државата потоа треба да продожи да функционира законски. Затоа предложиле и свои модели во врска со асистентите, каде и здруженијата нема да бидат изземени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.