Општина Бар за новогодишните празници во периодот од 27 декември до 2 јануари 2024 година, организира богата музичка понуда, а главна ѕвезда која ќе ги забавува гостите за дочекот на Новата година е регионалната музичка ѕвезда Лепа Брена.

На 31 декември нашите гости и нашите Барани ќе ги забавува најголемата балканска ѕвезда Лепа Брена. Она што можам да кажам е дека туристичките агенции од Македонија ја вклучија во својата понуда прославата што ќе се организира во Бар и концертот на Лепа Брена. Тоа ни е показател дека постои интерес. Пазарот во Македонија е исклучително значаен за барската општина бидејќи вие сте наши драги гости и пријатели, вели Николета Никчевиќ, која истакнува дека Бар годинава подготвил најбогата програма за Нова година од сите градови на црногорското приморје.

На 27 декември како главна ѕвезда ќе настапи Андреа Демировиќ, на 28 Бојан Маровиќ, на 29 Наташа Беквалац, на 30 декември Лексингтон, а по новогодишната ноќ и настапот на Брена, на 1 јануари ќе настапи „Лапсус бенд“, додека на 2 јануари програмата финишира со настапот на пеачката Анѓелина. Како предгрупи сите шест вечери ќе настапат локални изведувачи од градот со цел да се промоцира и локалната музичка сцена. Секоја вечер, по главната забава, предвиден е настап на Ди-Џеи.

Сите содржини ќе бидат изведени на платото пред Спортскиот центар „Тополица“ кој за таа прилика ќе биде специјално накитен во новогодишно руво. На платото ќе бидат поставени и 13  куќички каде гостите ќе можат да дегустираат локални специјалитети и пијалоци.

За постителите кои ќе дојдат со семејствата за време на новогодишните празници, подготвена е пригодна детска програма за најмлади, која ќе се случува во текот на денот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.