Претстојниот Слоу Вајн Саем (Slow Wine Fair), меѓународниот саем кој е посветен на добро, чисто и правично вино, ќе се одржи од 27 до 29 март во Болоња, Италија, каде учество ќе земат седум македонски винарии.
Во организација на Слоу Фуд Македонија, поддржано од Слоу Фуд Интернационал и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, тиквешките семејни винарии Наумчеви, Ерос, Јаковлевски, Вински подрум Попови, Захарчев, Пешков, како и винаријата Шато Камник, ќе ги претстават своите вина на овој вински саем пред интернационалната публика составена од вински професионалци, дистрибутери на вино, сомелиери, вински критичари и писатели, угостители и готвачи и вински ентузијасти. Овие седум винарии се дел од првото македонско издание на Slow Wine водичот, во издание на Слоу Фуд Македонија, каде се презентирани уникатните приказни за винарите, нивната страст и поврзаност со земјата, лозјата, локалните вински сорти грозје и пејзажите, традицијата и технологијата на вино, со фаворизирање на оние кои спроведуваат еколошки одржливи практики на одгледување винова лоза и производство на вино.
За време на Слоу Вајн Саемот (Slow Wine Fair) поточно на 28 март во 10:30 часот, во Slow Wine арената на Bologna Fiere ( Болоњскиот саем) ќе се одржи и преставување на македонскиот како и Slow Wine водичите на Италија, САД, Кина, а колегите од Германија ќе го претстават нивното искуство за германското сертифицирање. Саемот ќе биде домаќин на првиот состанок на Slow Wine Coalition, инклузивна, колаборативна и меѓународна мрежа која ги обединува протагонистите од винскиот свет: винарите, ентузијастите и професионалците од секторот што е можност за дебата меѓу сите актери во мрежата, по примерот на Тера Мадре.
Во текот на трите дена на Slow Wine Fair ќе има и низа на конференции, мастер предавања и дегустации достапни за сите љубители на доброто, чисто и правично вино, но не само на виното. Ентузијастите и професионалците од секторот можат да уживаат во богатата програма на мастеркласови и да изберат меѓу илјадниците етикети од целиот свет, селектирани од Слоу Фуд. Овој последен дел ќе биде збогатен со учество на Федербио, Италијанската федерација за органско и биодинамично земјоделство.
Настанот ќе биде отворен за сите во недела на 27 март, додека 28 и 29 март, понеделникот и вторникот се резервирани за професионалците од секторот. Сепак, членовите на пошироката јавност кои имаат билети за мастеркласовите во понеделник или вторник сè уште ќе можат да пристапат на саемот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.