„Google“ и оваа година ги објави своите годишни податоци од пребарувањето, а кога се во прашање рецептите – еве кои најмногу се пребарувале во 2023 година.

1. Бибимбап

Бибимбап е корејско јадење од ориз, а рецептот за ова јадење бил најпребаруван во 2023 година. Името доаѓа од зборовите „бибим“, што значи „мешање“ и „бап“, што значи „варен ориз“. Се служи со ставање ориз во сад во кој се додава намул, односно комбинација од разни треви и гочујанг паста од чили пиперчиња. Јајцето и сечканото месо се вообичаени додатоци на ова јадење и сè добро се меша пред консумирање.

2. Еспето

Еспето е рибно јадење карактеристично за областа Малага и брегот на Гранада во јужна Шпанија. Станува збор за сардини (најчесто се шест) кои се наредени на тенки и долги стапчиња, па на изглед потсетуваат на големи раженчиња, а потоа се печат на скара. Единствените зачини кои се додаваат се малку сол и маслиново масло, а рибата се јаде со прсти – пожелно во близина на некоја плажа.

3. Папеда

На трето место меѓу најпребаруваните рецепти во 2023 година е рецептот за индонезиското јадење папеда. Тоа е еден вид тесто направено од саго скроб, кој се добива од стеблото на саго палма. Папедата има леплива текстура и се служи со цветни пупки од папаја или спанаќ.

4. „Scooped bagel“

„Bagel“ е тркалезно пециво кое потекнува од Полска, а „scooped bagel“ се добива така што пецивото се сече на половина, а потоа со рака или лажица се отстранува неговата внатрешност за да може да се наполни со други состојки по желба.

5. „Pasta e fagioli“

„Pasta e fagioli“ е италијанско јадење кое комбинира тестенини и грав. И додека јадењето се разликува од регион до регион, најчесто се прави со помали тестенини, како макарони. Основата е обично маслиново масло, лук, кромид, целер, моркови и често домати или доматна паста.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.