На 15 ноември, во „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“, со почеток во 19 часот, Амбасадата на Република Италија во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“, ќе го презентира македонското издание на првиот и најпознат италијански прирачник за готвење, „Готвењето како наука и уметноста на убавото јадење“, објавен за првпат во 1891 година од славниот гастроном и патописец Пелегрино Артузи.
На промоцијата ќе се обрати италијанскиот Амбасадор Андреа Силвестри, а за книгата ќе зборуваат Јована Каранакиќ – преведувач на делото и Надица Фирфова – уредник на македонското издание.
„Готвењето како наука и уметноста на убавото јадење“ од Пелегрино Артузи е книга која се смета за нераскинлив дел од италијанската култура, а во која се содржани 790 различни рецепти, вклучително и десерти, џемови, ликери, сладоледи итн. Во книгата има и специјален додаток со избор на јадења за оние кои имаат послаб желудник, но и предлог-менија за секој месец во годината.
Освен заради изобилството рецепти, оваа книга е значајна бидејќи на еден оригинален начин го отсликува духот на едно изминато време.
Имено, Артузи на читателите им се обраќа на еден хумористичен и ноншалантен начин, во духот на пријателски советодавец, вметнувајќи духовити анегдоти кај повеќето рецепти и опишувајќи ги сопствените искуства, но и историската важност на одредени јадења.
„Готвењето како наука и уметноста на убавото јадење“ останува најчитаната книга за италијанската кујна во врска со која познатиот новинар и писател Џузепе Прецолини, по прогонството во Швајцарија, ќе каже дека за него, она што останува од Италија се: „Данте, Пинокио, шпагетите и книгата на Артузи“.
Иако е поминат повеќе од еден век од првото појавување на оваа книга, таа и денес се преобјавува и се преведува на повеќе светски јазици, а преводот од италијански на македонски јазик е прв во нашето соседство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.