Давид Неделковски, производител од Македонија, е меѓу наградените на најголемиот меѓународен настан за сурово млеко, природни сирења и рачно изработени млечни производи „Cheese“, што го организираат Slow Food и италијанскиот град Бра.
Годинашното издание на настанот кое ќе трае до понеделник, 18 септември, ги обединува сточарите, производителите на сирење и ентузијастите, под мотото „Вкусот на ливадите“, а беше отворено денеска. На церемонијата беа доделени наградите „Slow Cheese“ со кои им се оддава почит на сточарите и производителите на сирење кои работат, респелтирајќи ги природата, традицијата и благосостојбата на животните. Станува збор за мали производители кои опстојуваат и покрај сите предизвици.
Неделковски пред повеќе од десет години го напуштил Скопје и се преселил во селото Раштак, каде заедно со своето семејство ја создал фармата „Кози Млеко Планина“. Одгледува алпски и домашни балкански кози и произведува неколку видови свежи или зреени сирења.
Останатите добитници на „Slow Cheese“ се Тетјана Страмнова од Украина, Џампаоло Гајарин, Филиберто и Леонардо Ваира, Микеле Тотаро, Вито Канио Абате и Марко Вила од Италија, како и Екатерина Причодко и Ерос Скарафони од Украина и Италија. мч/цр
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.