Ова е еден подзаборавен рецепт за колач од неколку состојки кој е повкусен и од сладолед. Белите ледени коцки се совршен десерт за пролетните и летните денови кога сакате да се освежите со нешто лесно. Колачот е кремаст и многу освежителен. Најубав е кога се подготвува со свежо овошје, посебно со црвени, големи и слатки јагоди. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТ: 7 белки, 7 лажици шеќер, 7 лажици брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво, 200 мл топло слатко млеко. ЗА ФИЛ: 7 жолчки, 7 лажици шеќер, 10 лажици брашно, 3 кесички ванилин шеќер, 600 мл млеко, 250 г путер или маргарин, 800 г јагоди. Декорирајте со 300 мл слатка павлака или 200-300 г шлаг во кесичка изматен со млеко. Преку колачот наредете парчиња свежи јагоди.

ПОСТАПКА: Започнете со подготовка на филот, така што ќе има доволно време да се олади, додека го подготвувате бисквитот. Издвојте ги жолчките од белките (јајцата треба да бидат на собна температура, како и останатите состојки кои се чуваат во фрижидер – млеко, слатка павлака…)

Белките тргнете ги настрана и зачувајте ги за бисквитот. Жолчките промешајте ги со жица или маталка, па додајте 7 лажици шеќер. Измешајте енергично додека шеќерот да се растопи во жолчките, па додајте 10 лажици брашно. Брашното додавајте го постепено додека непрекинато матите со маталката.

Додајте 3 кесички ванилин шеќер и повторно измешајте. Во смесата од жолчки сипете приближно 200 мл млеко (1 чаша) од вкупната количина од 600 мл. Промешајте за смесата малку да се разреди, а останатата количина сипете ја во поголемо тенџере. Кога млекото ќе зоврие, сипете ја смесата од жолчки и со постојано мешање гответе додека сѐ да се згусне како пудинг.

Измешајте го кремот така што ќе се разбијат сите грутчиња. Гответе на умерена температура за да не ви загори. Потоа, тргнете го кремот од рингла, покријте со стреч-фолија за да не фати коричка и оставете да се олади. Во меѓувреме подгответе го бисквитот.

ЗА БИСКВИТОТ: Изматете ги со миксер белките додека да станат цврсти како снег. Додајте 7 лажици шеќер и повторно изматете додека да се растопи. Потоа, просејте го брашното и прашокот за печиво и лесно соединете со шпатула за смесата да не спласне. Излејте ја смесата во подмачкан и набрашнет плех (35х25 см) и израмнете.

Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 15-20 минути. Во меѓувреме загрејте 1 чаша млеко за да го прелиете врз бисквитот. Млекото може да биде засладено со 2-3 лажици шеќер, но и не мора. По печењето, внимателно излејте го млекото врз бисквитот и почекајте неколку минути додека целосно да се впие.

Вратете се на подготовка на кремот. Изматете го пенасто маргаринот или путерот, па нежно соединувајте го со кремот од жолчки. Соединете во едноличен крем во кој треба да додадете ситно сечкани јагоди. Измешајте, па кога бисквитот ќе го впие млекото, премачкајте го кремот преку него.

ЗА ДЕКОРАЦИЈА: Изматете го шлагот или слатката павлака, премачкајте преку кремот. Ставете го во фрижидер да се олади на неколку часа, па послужете со сечење на коцки и декорирајте со цели јагоди или пресечени на пола. Деталите погледнете ги ОВДЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.