Граѓанските организации, со своите активности и проекти играат една од главните улоги во спроведувањето на Зелената агенда, од таа причина во тој процес клучно е меѓусебно вмрежување и заедничка акција за скорешни видливи промени. Алармите се вклучени, потребно е преземање на итни мерки за спречување на негативните последици од климатските промени, беше заклучено на денешната конференција „Граѓанските организации непроценливи актери во спроведувањето на Зелената агенда“, што Здружението за одржлив развој и соработка „АЛКА“, го спроведе со финансиска поддршка од Механизмот за граѓанска отпорност на Европската унија.
Претставничките на Здружението „АЛКА“ – претседателката Елизабета Ѓорѓиевска, административно-финансиската раководителка Даниела Андреска и консултантката за енергетска ефикасност Билјана Черепналкоска го истакнаа значењето на одржувањето на ваквиот вид на конференции, на кои со споделување на искуства и добри практики, граѓанските организации ќе го збогатат своето дејствување и ќе остварат меѓусебни соработки.
„Спроведувањето на Зелената агенда е долг и макотрпен процес, но од друга страна тоа е процес што ќе донесе зелена и одржлива иднина. Промените мора да се случат, а нашето дејствување и нашиот глас игра огромна улога во подигнувањето на свеста за потребата од истите. Само со макотрпна работа и со заедничко дејствување ќе ја постигнеме целта“, потенцираше Андреска.
Европратеникот Илхан Ќучук во своето обраќање потенцираше дека Европската унија ставила највисок приоритет на политиката на Европскиот зелен договор со цел да се бори против последиците од животната средина и да ја трансформира европската економија во модерна, ефикасна и високо технолошка.
Тој нагласи дека истото го посакуваат и за земјите од Западен Балкан, кои, како што рече, очекуваме да се приклучат на Унијата во блиска иднина.
„Зелената транзиција станува една од главните области на дискурсот ЕУ – Западен Балкан. Финансирањето преку Инструментот Инвестициската рамка за земјите од Западен Балкан, партнерството меѓу ЕУ и меѓународните финансиски институции – сето тоа дава приоритет на еколошките цели“, потенцираше Ќучук.
Европратеникот додаде дека помошта на ЕУ за политиката за животна средина не само што има потенцијал да испорача почиста вода, храна и воздух, туку му дава можност на регионот да го модернизира својот енергетски сектор, да ја зајакне безбедноста за снабдувањето и енергетската независност.
„Од практична гледна точка, да се биде активен во придонесот во заедничките напори за борба против климатските промени им овозможува на земјите од Западен Балкан да ја забрзаат интеграцијата и интензивно да соработуваат преку иницијативи како што се Берлинскиот процес и Заедничкиот регионален пазар како прв чекор“, наведе Ќучук.
Тој заклучи дека придобивките од спроведувањето на Зелената агенда на Западен Балкан се огромни за трансформацијата на регионот и неговиот пат кон ЕУ.
„Поттикнувањето на граѓанската свест и учеството во процесите на одлучување, е
столб на секое демократско општество. Во таа насока, лица кои имаат висока еколошка свест се залагаат за силно и активно граѓанско општество кое делува конструктивно и остварува соработка со сите релевантни засегнати страни“, истакна заменик министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиевска на конференцијата.
Таа посочи дека, за жал еколошкиот сегмент не е доволно застапен во образованието, а кај граѓаните, свеста за корелацијата меѓу животната средина и човековото здравје не е доволна.
„Во наредниот период треба да се фокусираме на вештините кои се клучен дел од образовните приоритети, како на европско, така и на локално ниво, кои се однесуваат на Зелената агенда за Западен Балкан како и за пристапните преговори и проширување. Усогласувањето на овие два елементи – вештините и агендата за проширување, е фундаментално. Зелената агенда нуди опиплива и веродостојна перспектива за земјите од Западен Балкан да влезат во Европската Унија“, потенцираше Оџаклиевска.
Заменик министерката посочи дека очекува оти граѓанските организации целосно ќе се одиграат улогата за развојот на вештините и проширувањето на агендата.
„Граѓанските организации во Западен Балкан не се само придонесувачи, туку клучни двигатели на агендата за вештини. Нивното застапување, иницијативите и заедничките напори се клучни на нашиот пат кон интеграција во ЕУ. Нивното зајакнување не е само корисно, туку е од суштинско значење за нашата колективна иднина. Треба да овозможиме да се посветат на ова зајакнување, поттикнувајќи средина каде нивниот потенцијал може да биде целосно реализирани за подобрување на нашето општество“, заклучи Оџаклиевска.
Ирена Иванова, програмската менаџерка на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, од своја страна, посочи дека улогата на граѓанските организации е многу важна пред се за исполнување на итните потреби на граѓаните.
„Тие се линк помеѓу локалното население и институциите заради тоа што на овој начин најлесно се добива увид до реалните предизвици на луѓето, се вмрежуваат регионите, се разменуваат искуства и добри практики. Исто така на ваков начин населението побрзо ги чувствува ефектите од проектите и се чувствува мотивирано да се вклучи во идни проекти и подигање на свеста“, нагласи Иванова.
Таа се осврна на претстојните проекти на Здружението „АЛКА“, посочувајќи дека едниот е веќе започнат и се однесува на зелената енергија и зелената транзиција во државата.
Во рамки на првиот панел насловен „Улогата на граѓанските организации во Зелената агенда: политика и акција“, говореа Славиша Јелисиќ од „ LIR EVOLUTION , Самир Мемедовиќ од „ WE EFFECT“, Фиона Имами од „CO-PLAN“ и Жарко Коневски од „Еко-свест“. Панелистите ги истакнаа клучните реформи кои треба да се спроведат согласно Зелената агенда, ги изнесоа своите ставови во однос на националните енергетски и климатски планови и ја елаборираа важноста на граѓанските организации во спроведувањето на Зелената агенда. Говорниците заклучија дека во време кога се забележуваат силни последици од климатските промени, граѓанските организации мораат да работат сплотено и постојано да разменуваат искуства со цел да се постигнат видливи промени и да се ублажат негативните последици од климатските промени.
На вториот панел на конференцијата што беше посветен на „Зголемување на капацитетите за ангажирање на медиумите“, панелистите Милица Солунац од „Зелена Србија“, Катарина Синадиновска од „Агенда 35“ и Фиорда Лукмани од „WESTERN BALKANS INFO HUB“ дискутираа за стратегиите за ефективна комуникација и зголеменото присуство на медиумите во процесите за спроведувањето на Зелената агенда, ги образложија случаите за успешна медиумска кампања и ги претставија алатките кои им помагаат на граѓанските организации при комуницирање на процесите со цел тие да бидат поатрактивни за медиумски публикации.
Конференцијата беше затворена со третиот панел насловен „Застапување за Зелената агенда: Стратегии и успешни приказни од земјите од Западен Балкан“, на кој панелистите Андина Влахиу од „BALKAN GREEN FOUNDATION“, Благоја Муканов од „GREEN GROWTH PLATFORM“, Бојан Трпевски од MACEDONIAN YOUNG LAWYERS ASSOCIATION (MYLA), Ѓоко Вукановски од „MHRA/CED FLOROZON“ и Христина Војдович од „RERI“ ги споделија своите успешни приказни во однос на застапувањето за Зелената агенда во земјите од Западен Балкан. Тие се осврнаа на заедничкото ангажирање во однос на Зелената агенда со креаторите на политики, важноста од заедничките пристапи и исходите од таквиот начин на дејствување. Говорниците заклучија дека една од клучните работи е градење на партнерства меѓу граѓанските организации со цело поголем импакт во самиот процес на спроведувањето на Зелената агенда.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.