Прес конференцијата го означи почетокот на проектот и имаше за цел промоција на планираните активности во рамки на проектот „Заедници инклузивни за млади“ финансиран од Европска Унија. На прес конференцијата беа презентирани активностите и можностите кои ги нуди проектот, а имаат за цел да ги ангажираат младинските граѓански организации во поддршка на своите локални заедници, да ги искористат постојните механизми за учество во локалните политики и процесите на донесување одлуки кои се однесуваат на нивните потреби и потребите на нивните конституенти. На прес конференцијата се обратија претставници од сите партнери на проектот.
Мариана Ангелова, Генерален секретар на Националниот младински совет на Македонија истакна дека: „Водејќи се од потребата за подобрување и продлабочување на имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики, како основа за создавање на инкузивни локални заедници кои ќе имаат слух за потребите на младите и ќе ги вклучуваат младите во процесот на донесување одлуки, произлегува и потребата и идејата за имплементација на еден ваков 30 месечен проект“.
Главната цел на проектот е да го подобри локалното владеење преку зголемена инклузивност на локалните процеси и младинското влијание во општеството.
Подетално проектот се стреми да развие и имплементира политики соодветни за младите преку постоечките механизми за младинско учество, да ги зајакне капацитетите на младинските организации за социјална инклузија, човекови права и креирање на политики и да го поддржи дијалогот помеѓу младите и институциите за социјална кохезија.
Како опипливи резултати од проектот во идните 30 месеци се очекува да се зајакнат капацитетите на најмалку 30 младински организации и најмалку 8 локални младински совети, да се направи мониторинг на имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики, по што би се креирале 8 мониторинг извештаи за секој од планските региони и еден национален кој ќе ги опфати и националните институции.
Дополнително, во рамки на проектот ќе се развие методологија за мерење на младинската инклузија на единиците на локалната самоуправа и ќе се поддржат локални иницијативи на најмалку 15 младински организации и неформални групи на млади.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.