Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вчера ја отвори интернационалната научна конференција на тема: „Ситуацијата се влошува и на исток и на југ? Предизвици за безбедноста и стабилноста во Европа“, изјавувајќи дека одговорноста во борбата со дезинформациите треба сите да ја имаме како наша граѓанска обврска и дека најважно е во надминувањето на предизвиците да сме заедно обединети со нашите ЕУ партнери.

Важно е и од академски аспект, не само од политички, да се држат отворени прашањата и темите што ги наметнува денешната конференција, со кои се соочува и Европа, но и целиот Западен Балкан. Затоа на овие прашање мораме да одговориме заеднички, со јасна визија, одлучност и волја од сите засегнати страни. А засегнати сме сите кога станува збор за стабилноста, мирот, развојот на државата и безбедноста на нашите граѓани, нагласи Костадиновска-Стојчевска.

Таа посочи дека настанот претставува уште една потврда за високото ниво на соработка што го имаме со Република Полска, не само на политичко ниво туку и на академско ниво со Центарот за Европа при Универзитетот на Варшава.

На конференцијата, студентите и сите учесници ќе имаат можност да слушнат за тоа што значи кога работиме заедно, како се соочуваме со предизвиците заедно и дека ниту една држава, без разлика дали е полноправна членка на Европската Унија или се стреми да биде членка на Европската Унија како овој процес што ние го одиме како држава, не е сама во тој процес и заедно ќе се бориме и со дезинформациите и со предизвиците што претставуваат целосно интегрирање на Република Македонија во Европската Унија“, изјави министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска порача дека треба да обезбедиме Западен Балкан да продолжи да се развива и да се движи напред заедно со Европската Унија и дека тоа е за доброто на нашиот регион и за Европската Унија како целина, кога се наоѓаме во клучен момент за нашата заедничка историја“, заклучи Костадиновска-Стојчевска.

На отворањето на конференцијата во Официрскиот дом што се одржа во организација на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, покрај министерката, се обратија и ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, професор Игор Неделковски, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, амбасадорот на Полска во земјава, Кшиштоф Гжелчик, и директорот на Центарот за Европа при Универзитетот во Варшава, Камил Зајомчовски.

Домаќин на настанот за безбедносните предизвици и стабилност во Европа беше битолскиот универзитет, кој се одржа со поддршка од Министерството за надворешни работи на Република Полска, во рамки на натпреварот „Јавна дипломатија 2023″.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.