Како дел од глобалното партнерство, Нелт и УНИЦЕФ во Македонија официјално започнуваат нова соработка, со цел на учениците во стручните училишта да им обезбедат можности за практично учење со фокус врз јакнење на зелените вештини. Со иницијативата ќе се подобри вработливоста на учениците од стручното образование и обука и тие подобро ќе се подготват за пазарот на трудот.


Локалната иницијатива е дел од пошироко стратешко партнерство преку кое децата ќе се стекнат со основните вештини на X
XI век. Во рамките на оваа иницијатива, Групацијата Нелт ќе издвои 1,3 милиони американски долари во текот на три години за да се зајакнат образовните системи во Србија, Македонија и Босна и Херцеговина. Во 2026 година, иницијативата ќе се прошири и на Ангола, во региони каде што работи Групацијата Нелт. Во Македонија, партнерството ќе им помогне на учениците да стекнат зелени вештини и вредно практично искуство, со што ќе се зголеми нивната вработливост и способност да одговорат на новите барања на пазарот на трудот, додека во Србија и Босна и Херцеговина, фокусот ќе биде ставен врз подобрување на дигиталните вештини кај учениците. Македонија ќе добие 330.000 американски долари за период од три години.

 

“Обезбедуваме образование за животна средина и климатска акција преку кое учениците ќе ги засилат своите капацитети за учење, дејствување и идно водство“, изјави г. Изет Меџити, прв заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање.

 

Кога влегуваат на пазарот на трудот, младите се соочуваат со повеќе предизвици од возрасните поради недостаток на работно искуство и несовпаѓање на вештините што ги поседуваат со оние што ги бараат работодавачите. Бараните вештини се менуваат бидејќи светот се движи кон одржлива економија со низок јаглероден отпечаток, па затоа е клучно учениците да стекнат стручни и широко применливи зелени вештини со кои ќе ги задоволат новите барања на пазарот на трудот и ќе придонесат за одржлива иднина.

 

“Живееме во свет изложен на досега невидени еколошки предизвици и разбирлива е потребата од прилагодување на образованието кон градење зелени вештини кај младите. Затоа многу ме радува потпишувањето на договорот за соработка меѓу УНИЦЕФ и компанијата Нелт, за поддршка на развојот на зелени вештини кај учениците од средно стручно образование. Оваа иницијатива ќе им овозможи на учениците да стекнат драгоцено искуство и знаење, што ќе ги направи поконкурентни на пазарот на труд, а истовремено ќе придонесе за поодржлива иднина за сите нас“, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.

 

Во Македонија, со оваа иницијатива се планира да се обезбедат можности за практична настава и практикантство во јавни и приватни претпријатија ширум земјата за над 500 ученици од стручното образование, кои се подготвуваат за кариера во природните науки, еколошката одржливост и ублажувањето на климатските промени.

Освен тоа, се очекува дека оваа иницијатива ќе им помогне на 8.100 ученици од стручните училишта да стекнат зелени вештини поврзани со еколошката одржливост, зачувувањето на природата и климатската акција, овозможувајќи им практично да го применат знаењето на идното работно место во разни области, од управување со отпад и производство на зелена енергија па сè до одржливи производствени процеси, енергетска ефикасност и циркуларна економија во градежништвото.

 

„Ова партнерство ќе создаде можности за нови вештини кај средношколците заинтересирани за климатските промени и еколошката одржливост. Со зајакнување на рамката за практична настава, не само што ќе им помогнеме на учениците од стручното образование да изградат широко применливи зелени вештини, туку и ќе придонесеме кон развојот на работна сила која ќе биде оспособена да се справи со итните еколошки предизвици“, рече претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер.

 

Соработката меѓу Групацијата Нелт и УНИЦЕФ претставува одговор на горливиот глобален проблем со невработеноста кај младите и итната потреба за ефективна интеграција на технологијата, одржливоста и климатската отпорност во образовните системи. Со помош на експертизата на двете организации, ова партнерство се стреми да создаде посветла иднина за идните генерации.


“Во Нелт групацијата сме посветени на интегрирање на принципите за одржливост на еколошките, социјални и управувачки фактори во сите аспекти на нашиот бизнис. Преку дигитализација, инвестиции во обновливи извори на енергија и континуирана едукација на вработените, активно придонесуваме за одржливост. Во партнерство со УНИЦЕФ во Македонија, им нудиме на младите можност да стекнат и дигитални и зелени вештини, кои се од суштинско значење за нивната конкурентност на пазарот на труд и за одржлива иднина. Свесни за предизвиците што ги носат климатските промени, ние сме посветени на намалување на нашето негативно влијание врз животната средина. Со инвестиција од 330.000 американски долари во текот на три години, ќе ги зајакнеме младите преку практично образование во училиштата, помагајќи им соодветно да се подготват за еколошките предизвици и климатските промени кои се наша реалност, рече Сашко Блажевски, извршен директор на Нелт за Македонија.

 

Претпријатијата се значајна алка во создавањето отпорни заедници. Со инвестирање во образованието и развојот на вештините кај децата и младите, компаниите не само што придонесуваат за општата благосостојба, туку и си обезбедуваат долгорочен успех во сè поконкурентната и подинамична глобална економија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.