Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразува жалење поради одлуката на АД МИА за ставање во мирување на неопределено време на дописништвата во Брисел, Атина и Вашингтон, како и за најавите за непродолжување на договорите за соработка на дописниците од другите европски градови.

– Свесни сме за економската криза, односно за мерките за штедење кои беа наметнати на државните институции и претпријатија, меѓутоа се надеваме дека ќе се направат напори и ќе се изнајдат начини во најкус можен рок дописништвата да не престанат со работа. Сметаме дека не смее да биде дозволено државна новинска агенција, како што е МИА, да нема свои дописници во едни од најважните главни градови во светот, особено во овој период на комплицирани и предизвикувачки меѓународни односи во светот, се наведува во денешната реакција на ССНМ.

Од Синдикатот потенцираат дека особено е важно македонските граѓани да бидат објективно и навремено информирани директно од новинари кои се на местото на случување, особено за процеси како што се на пример пристапувањето кон Европската Унија, како во Брисел, така и во другите главни градови на земјите членки на ЕУ.

– Со ваквата одлука на МИА предизвикана од одлуката на Владата за штедење директно се влијае и на несигурноста на работните места на новинарите и медиумските работници, но и врз стандардите и нормите за објективно и професионално известување за случувањата во светот. Владата, како основач на МИА и контролор на нејзината работа, треба да води особена грижа за присутноста на државната новинска агенција во важните светски центри, и затоа ја повикуваме Владата да изнајде модус за понатамошно соодветно и комплетно функционирање на овој медиум, се додава во соопштението на ССНМ.

Управниот одбор на МИА на седницата одржана на 19 декември донесе Одлука, што стапува во сила од 1 јануари 2023 година, со која се ставаат мирување на дописништвата на МИА во Брисел, Вашингтон и Атина на неопределено време.

– Од 01.01.2023 година се повлекуваат дописниците на МИА од Брисел, Вашингтон и Атина , кои врз основа на Договори за испраќање на работник на работа со задача редовен дописник на МИА од Брисел, Вашингтон и Атина , беа испратени во овие дописништва, се наведува во Одлуката на УО на МИА.

Во образложението на ваквата одлука се посочува дека таа е донесена „поради недостиг на финансиски средства“.

Недостигот на финансии е резултат на кратењето на средствата за МИА со државниот Буџет за 2023 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.