Невработени лица од ранливите категории се таргетирани со специјалните програми на ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, што веќе три години се имплементира во соработка со Агенцијата за вработување. Целта на проектот е да се намали долгорочната невработеност и зависноста од гарантираната минимална помош (ГМП) меѓу корисниците на ГМП, младите лица до 29 години, Ромите, жените, лицата со попреченост и долгорочно невработените лица.

Вклучувањето на овие групи на пазарот на труд се реализира преку нивно советување, мотивација и обуки за подигање на знаењата и вештините.

Проектниот координатор Наташа Здравковска, на средба со новинарите, објасни дека за сите проектни активности – услуги и мерки, предуслов за вклучување на лицата е да се евидентирани во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа.

Центрите за вработување и Центрите за социјална заштита вршат селекција на најлесно вработливи членови од ГМП домаќинствата и за нив подготвуваат индивидуален план за активација што е услов за лицето да ги користи услугите и мерките од проектот. Слично е и со активните баратели на работа од ранливите групи за кои се подготвуваат индивидуален план за вработување 2. Во изминатите три години, центрите подготвија повеќе од 4200 индивидуални планови за активација. За да се унапреди овој процес во рамки на проектот предвидена е и посебна активност за јакнење на капацитетите на центрите, вели Здравковска.

Во тек е четвртиот директен грант договор којшто Агенцијата за вработување го реализира преку ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, кој започна кон крајот на 2019 година, а е со времетраење од 54 месеци. Досега, како што беше посочено на брифингот, проектот има дадено голема поддршка на реформата од 2019 година, воведена со новиот Закон за социјална заштита, кога е претставен терминот ГМП и е воспоставената процедура за процесот на активација на ГМП корисниците, регулирана со Правилник за соработка меѓу центрите за вработување (ЦВ) и центрите за социјална работа (ЦСР).

Проектот се реализира преку СИМ програмата (програма за советување и мотивација) и Програма за поддршка за вработување преку обуки.

СИМ програмата се реализира преку психосоцијална поддршка која се спроведува пред и по вклучување на лицата во активните мерки за вработување и преку менторска поддршка која се спроведува додека лицето учествува во некоја од активните мерки за вработување или е вработено преку активна мерка. Целта на советувањето е да се подобрат и развијат личните капацитети на невработеното лице, да се подигне мотивација и самодоверба кај лицето, како и професионално да се оспособи и поттикне да се интегрира на пазарот на труд. Додека со Менторската поддршка, која опфаќа интензивно советување, теренска работа и лични контакти со лицата, се реализира за време на учество во обуки за стекнување на вештини и при вработување, објаснува Магдалена Бунтеска, координатор на СИМ програмата.

Програмата за поддршка за вработување преку обуки предвидува совладување на вештините и знаењата за занимања кои се бараат на пазарот на трудот, а се прилагодени според возраста на барателот на работа се цел да се подготви да може да го задржи работното место.

Програмата се состои од повеќе мерки, како што се обуки за побарувани занимања, обука на работно место кај конкретен работодавач, субвенционирање на вработување, практикантство и пилот програмата Втора шанса. Целта на новата пилот мерка е да им се овозможи на невработените лица од ранливи категории, кои бараат работа и се со ниски или ирелевантни вештини, да завршат средно стручно образование и да добијат формална диплома издадена од државата. Проектот ги покрива сите трошоци за нивното школување заклучно со матурирање и стекнување диплома, рече проектниот координатор Здравковска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.