Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски заедно со директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски денеска присуствуваше на презентација на првата странска инвестиција во 2024 година во ТИРЗ, на мултинационалната водечка компанија за оутсорсинг услуги ЕМАПТА.

Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Димитар Ковачевски:

„Драго ми е што денес исто како и минатата година на 3 јануари годината ја започнуваме во ТИРЗ каде најавуваме нова инвестиција и каде што може да поразговараме со претставниците на медиумите за сработеното во минатата година и за плановите за оваа година.

Горд сум на успесите кои ги постигнавме минатата година и се надевам дека ќе ни бидат поттик годинава да бидеме уште подобри и поуспешни и да ја движиме државата што побрзо напред кон постигнување на нашата цел, а тоа е влезот во ЕУ.

Сакам да се заблагодарам на директорот на ТИРЗ Деспотовски, што го организираше овој настан. Благодарам и на вработените и менаџерите на компанијата ЕМАПТА, која што е најновата инвестиција во нашите ТИРЗ – ови.

Тука сме за да заедно со директорот денес да најавиме нова амбициозна инвестиција на мултинационалната водечка компанија за оутсорсинг услуги која обезбедува квалитетна работна сила за компаниите на глобално ниво, компанијата ЕМАПТА.

Оваа компанија која е рангирана како компанија лидер во оутсоурсинг дејноста во светски рамки за само една година постоење во земјава веќе има вработено 30 луѓе и има амбиции да се проширува.

За поздравување е тоа што компанијата планира да отвори деловен простор од 6.000 квадратни метри во ТИРЗ Скопје 1, каде во наредните 5 години е планирано да се вработат над 850 млади луѓе, а до крајот на инвестицискиот период само за плати се предвидени над 15 милиони евра годишно.
За успесите на оваа компанија доволно говори фактот што со својата мрежа се протега низ цела Европа, Јужна Америка и со силно глобално присуство во Австралија, Сингапур, Шри Ланка, Малезија, Нов Зеланд и други дестинации, со портфолио од 730 компании клиенти и 7.600 вработени ширум светот. Компанијата е прогласена за еден од најдобрите работодавачи во Азија од Yahoo Finance и нуди широка понуда на професионални оутсорсинг услуги, вклучувајќи ИТ и ИКТ, медицина, телеоператори и телекомуникации, софтверски инженеринг, истражување и развој во компјутерски технологии, финансии и сметководство, продажба итн.

Со проширувањето на ЕМАПТА во земјава и нивната инвестиција во ТИРЗ 1, воведуваме нов пристап кон диверзификација на инвестициите и проширување кон услужните дејности.

Преку оваа инвестиција, нашите млади луѓе ќе работат за компании од светски ранг, ќе станат дел од глобалните текови. Ќе работат локално, но ќе делуваат глобално. Со тоа и Македонија станува дел од светските глобализациски трендови.

Нашиот најголем капитал се луѓето. Јас тоа многу пати го имам кажано. Државата може да оди напред само ако вложуваме во нашите луѓе и ги поттикнуваме да ги развиваат своите способности.

И затоа горд сум што создадовме многу успешни бизнис приказни овде во нашата држава. И што сме дел од тие приказни, како што сме дел и од денешната.

Создадовме клима на доверба кај странските инвеститори, каде што на нашата држава се гледа како на извонредна можност за стабилни инвестиции кои се одржливи и предвидливи на долг рок.

Проценивме дека Македонија има потенцијали кои треба да ги претвориме во можности и дека тие потенцијали некој ќе ги препознае. И навистина, потенцијалите на нашите луѓе се препознаени и ценети а потврда за тоа е присуството на една ваква глобална компанија која ангажира во нашата држава исклучиво македонски кадри.

Потврда за тоа се и нашите резултати кои денеска со задоволство ги споделуваме со вас. Бројките говорат-рекордни 18.000 вработени во зоните, што е за 11 проценти повеќе од лани! Или за 29 проценти повеќе од 2021 и за 31 процент повеќе од 2020!

Бројките говорат за успесите – имаме над 1.600 нови вработени во зоните само минатата година! Просечната бруто плата во компаниите во ТИРЗ надмина 60.000 денари, што е двојно повисоко од 2016 година! Раст на нето извозот од над 20% и над 650 милиони евра пари кои ќе се слеат во буџетот на државата!

Ние сме дел од светските индустрии. Веќе знаете дека „Јагео“ е инвестиција која се подготвува во Македонија со што практично ќе почнат да се произведуваат чипови во нашата држава. Исто така за индустријата, за медицинската индустрија, за 5Г технологија.

Инвеститорите доаѓаат кај нас и ги прошируваат инвестициите, бидејќи знаат дека државата нуди стабилност и предвидливост. Германскиот фармацевтски гигант „Герејсхајмер“ и канадска „Магна“ специјализирана за производство на автомобилски системи коишто се испорачуваат на најзначајните производители на автомобили ширум светот се дел од нашите успеси.

Тоа се успеси кои носат подобро за сите граѓани на државата, пред се за оние кои работат во зоните и во овие компании но и во компаниите кои соработуваат со овие глобални корпорации и исто така бенефит има и буџетот на државата како и сите сервиси кои подоцна се финансираат.

Она што е пред нас е секако процесот на евроинтеграции бидејќи со членството во Унијата ќе имаме уште повеќе придобивки за компаниите, за земјоделците, за младите, за сите!

Патот до светскиот успех е овој-преку успешни инвестиции, преку поголема конкурентност до поголеми височини! До подобар живот за сите нас!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.