Фондација „Кантарот“ и семејството на спортскиот коментатор Александар Стиков, под мотото „Добриот глас надалеку се слуша“, распишуваат конкурс за наградата, најдобар млад презентер на научна содржина – „Колега Стиков“.

На конкурсот може да учествуваат сите ученици од основните училишта во Македонија. Основците кои сакаат да учествуваат, потребно е да снимаат како презентираат текст со научна содржина, научен експеримент, научен концепт, приказна за својот омилен научник, осврт за книга со научна или научно-фантастична содржина, репортажа од научен настан или своја оригинална замисла за презентација поврзана со наука.

Се повикуваат сите основци да нè восхитат со својот глас и со своите презентерски вештини. Покажете ни колку интересно и оригинално може да звучи презентација на една содржина поврзана со наука и влезете во трката за новата награда за најдобар млад презентер“, велат организаторите.

Видеото треба да се испрати на [email protected] со основни податоци: име и презиме, одделение, училиште, град и телефон за контакт.

Најдобриот презентер ќе биде избран од стручна комисија во која ќе членуваат истакнати новинари и научници. Наградата е во вредност од 500 евра и ќе биде доделена за време на третата конференција „Наука за деца“ (18-19 октомври 2024).

Повикот за аплицирање за наградата е отворен од 15 јуни до 15 јули.

Повеќе информации за конкурсот може да најдете ТУКА.

Александар Стиков (1947-2023) е доајен на македонското спортско новинарство. Како новинар, репортер и уредник, тој целиот свој работен век го помина во Македонското радио. Со својот препознатлив глас ги овековечи најважните спортски настани во македонската и југословенската спортска историја, и со преку 2000 преноси е новинарот со најмногу изговорени минути на програмата на Македонското радио.

Известуваше од седум Олимписки игри, безброј фудбалски натпревари, кошаркарски, ракометни, одбојкарски мечеви, а пренесувал и натпревари во бокс, борење, атлетика, хокеј, кајак, зимски спортови… Во 1969 година ја основа најдолговечната специјализирана спортска програма „Спорт, музика, спорт“. Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои и престижниот трофеј за спорт и медиуми од Меѓународниот олимписки комитет во 2004.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.